РСЕ: Пратениците се разработија пред крај на мандатот

0
110

Собранието продолжува со работа и ќе одржува седници до моментот кога новиот собраниски спикер Јован Митрески од СДСМ ќе стави потпис за распишување на двојните избори, претседателски и парламентарни, кои по подолго време ќе се одржат во редовен термин.

Откако на 28 јануари во Собранието беше избрана техничката „Пржинска влада“ со мандат да ги организира изборите, за денеска (30 јануари) се закажани неколку собраниски комисии со повеќе закони на дневен ред. Пленарна седница, пак, е закажана за 7 февруари исто така со низа закони на дневен ред кој дотогаш може да биде и дополнет со други точки.

„Во зависност од динамиката којашто ќе доаѓа од Владата и од пратениците, планот е да имаме уште три до четири седници. Принципиелно како досега, со оглед дека во Уставот пишува – Собранието е во постојано заседавање, ние ќе работиме до 4 април кога ќе почне изборната кампања. Нема да работиме во изборниот процес според досегашната пракса, за да не се злоупотребува говорницата до конституирањето на новиот парламент“, вели за Радио Слободна Европа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски од НСДП.

Претседателските и парламентарни треба да бидат распишани најдоцна до 28 февруари, а најрано на 8 февруари, што е рокот од 70 до 90 дена пред закажаните двојни избори на 8 мај, според она што го договорија најголемите партии.

На 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори. За датумите за изборите имаше широк консензус меѓу партиите, како што објавија лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.

Избори организира техничка влада која започна да се формира според таканаречниот „Пржински модел“ првпат применет на изборите во 2016 година по тогашната политичка криза.

Серија закони, но и државен обвинител пред пратениците

До расишувањето на изборите, пред овој пратенички состав се серија закони кои треба да се донесат, но, како што посочува и претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Марко Трошановски и да се пополни една од најважните функции за борба против корупцијата – државен јавен обвинител.

„Мислам дека е многу важно да се поднесе и донесе итно законот за раководна служба кој се уште се чува во фиока после четиригодишниот мандат на оваа влада. Тој не е ни поднесен, но приоритет е. Потоа, законот за државни службеници секако, овој пакет на закони од Министерството за информатичко општество и администрација. Изборниот законик би требало да се донесе во пресрет на изборите иако се доцни со истиот. Тој не ги регулира проблемите со медиумското финансирање, но сепак е важно тој да ги подобри условите за натпревар во изборниот процес“, вели Трошановски за Радио Слободна Европа.

Изборот на државен јавен обвинител, како што посочува тој, е под ризик да се случи во мандатот на оваа влада, но со оглед на важноста оваа функција не треба да остане со в.д. шеф.

„Имајќи ја предвид корупцијата и напластените случаи на истата, многу е важно оваа институција да има што помалку поминат период без лидер“, вели Трошановски.

За потсетување, мандатот на претходниот државен обвинител Љубомир Јовески заврши на 25 декември 2023 година. Владата распиша оглас на кој првично се пријавија тројца кандидати, но единствен кој доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители беше Љупчо Коевски. Обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше.

Коцевски, како единствен со позитивно мислење, според медиумите, како предлог од Владата бил испратен во собраниска процедура, но засега не е ставен на дневен ред во законодавниот дом.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk