Роковите притискаат – решение за пасошите нема

0
63

Договорот од Преспа е меѓународен договор, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни. Ова го порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис и во интервју за грчката телевизија „Антена“, но и во грчкиот парламент, одговарајќи на пратеничко прашање.

Шефот на грчката дипломатија, како што јави дописничката на МИА од Атина, посочил дека договорот не може да се модифицира, а Грција го следи доследното и строго почитување.

„Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување“, истакнал Герапетритис.

Прашањето стана актуелно откако стана јасно дека во Северна Македонија не ќе може навреме да се заменат личните и патните документи, на кои сè уште стои старото име на државата. Согласно Преспанскиот договор, рокот од пет години за замена на документите истекува во февруари, но голем број граѓани сè уште не можат да ги добијат новите пасоши, коишто ќе им бидат неопходни за патување надвор од земјата. Проблем има и во дијаспората, каде исто така има голем притисок за менување на документите.

Роковите мора да се почитуваат
Во однос на обврската за промена на пасошите и регистарските таблици на возилата до 12 февруари, шефот на грчката дипломатија вели дека постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат.

Грчкото Министерство за надворешни работи порачува дека ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските кои произлегуваат.

Предлози на маса
Решение за проблемот бара и актуелното раководство на македонското Министерство за внатрешни работи. Во однос на личните карти беше најавено дека тие ќе важат и по 12 февруари, но се бара решение за пасошите. Претседателот Стево Пендаровски иницираше да се пролонгира рокот за нивна замена до септември или октомври.

Министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски во интервју за ТВ Сител рече дека метежот со издавањето на личните документи може да се ублажи со соодветно менаџирање и прераспоредување на човечките ресурси коишто ги има МВР. Евентуално пролонгирање на рокот во кој граѓаните треба да ги заменат личните документи со новото уставно име не може да се очекува, бидејќи грчката страна опстојува на почитување на роковите за примена на одредбите кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

Тошковски во вторникот (30.01) имаше средба со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, на која го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање. Меѓутоа на средбата амбасадорката била јасна во однос на рокот до кој граѓаните треба да ги заменат патните исправи. Со оглед на тоа дека договорот стапи на сила на 12.2.2019 година – рокот од пет години истекува на 12.2.2024 година.

 

 

DW