Германија – Во четврток ќе штрајкуваат вработените во аеродромското обезбедување

0
136

Синдикатот Верди ги повика вработените во приватните претпријатија за обезбедување во единаесет аеродроми на еднодневен предупредувачки штрајк во четврток, 01.02 2024. Поради тоа ќе бидат комплетно блокирани аеродромите во Берлин, Бремен, Дрезден, Диселдорф, Ерфурт, Франкфурт на Мајна, Хамбург, Хановер, Келн, Лајпциг и Штутгарт. Од штрајкот се исклучени аеродромот во Минхен и некои помали воздушни пристаништа.

Во рамките на тарифниот конфликт се бара паушално подигање на сатнината за 2,8 евра и повисоки додатоци на платите за период од една година. Моментално вработените во обезбедувањето во воздушниот сообраќај од најниската платежна група заработуваат 20,6 евра на час, што за 160 работни часа месечно носи околу 3300 евра бруто. На тоа се надоврзуваат додатоци за ноќна работа, за работа на празници и за прекувремено работење.

„Работа нон – стоп, на викенди и празници“
Барањето ја има предвид загубата на платежна моќ предизвикана од инфлацијата, како и зголемување на примањата, образложи Верди. Синдикалниот преговарач Волфганг Пипер аргументира: „Веќе сега сме соочени со недостиг од квалификувани работници кои би биле спремни да работат нон – стоп, на викенди и на празници на аеродромите, исклучително флексибилно. Сигурноста во воздушниот сообраќај не може да се обезбеди за без пари.“

Работодавците од Здружението на претпријатијата за обезбедување во воздушниот сообраќај, како што истакнуваат, нудат зголемување на примањата од четири проценти за оваа година и три проценти за 2025 година. Нивниот претставник, Матијас фон Рандов смета дека парализирањето на воздушниот сообраќај во Германија со предупредувачки штрајк е несразмерна мерка: „Наместо тоа, треба да биде преземено се` што е можно за барање решение преку преговори или преку арбитража.“

Договорени термини за преговори
За натамошните преговори во две рунди се веќе договорени и термини, на 6/7 и 21/22 февруари.

Околу 25.000 вработени во приватни фирми за обезбедување се одговорни за контрола на патниците, багажот и персоналот, најчесто со налог на сојузната полиција. Без овие работници е невозможен пристап во безбедносните зони, а со тоа и работа на аеродромите.

Во воздушниот сообраќај штрајк имаше последен пат во март ланската година, кога беше издејствувано подобрување на работните услови на вработените кои во претходните години се изборија за значителни зголемувања на примањата.

Синдикатот Верди за во петок најави и предупредувачки штрајк во јавниот превоз во речиси сите сојузни покраини, а во понеделникот заврши повеќедневниот штрајк во германската железница, спроведен од синдикатот на машиновозачите ГДЛ.

 

DW