Пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки при посетата во Швајцарија беше прашан за тоа дека корупцијата и криминалот во Македонија не се само проблем на државјаните туку и дијаспората го гледа тоа кога прават една споредба со земјите во кои живеат, економски развиени земји каде многу подобро се функционира, какви се гледиштата на дијаспората што велат, може ли нешто да се промени? И тој рече:
„Апсолутно така, убаво го сублимиравте вашето прашање. Од наша страна факт е дека е пренесена пораката дека доколку сака Република Македонија да се развива ќе мора да бидат симнати овие структури, овие насилници кои во моментов се на власт и да го вратиме редот и правниот поредок во Република Македонија. Во Македонија мора да владее правото и законите. Тоа што нашите тука го гледаат и начинот на кој се развиваат овие цивилизирани европски држави да биде пример како Македонија да ја движиме напред, а не да продолжиме по овој пат кој е во моментов“, кажа Ковачки.
Тој продолжи и додаде дека со делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски се во посета на задграничните комитети во Европа.
„Средбите се одржуваат на тлото на Швајцарија, имавме средби со задграничните комитети во Женева, Лозана, Тринген гледате една прекрасна атмосфера, една многу убава енергија од сите наши нашинци кои се иселени тука во оваа држава“, вели Ковачки.
Тој истакна дека целта на сето ова е да упатат порака дека секој глас е важен.
„Сакаме да им упатиме пораката дека секој глас е важен и дека сите се потребни назад во Македонија за да го дадат својот глас против ненародната власт на СДС и ДУИ односно на власта која не си ја сака Македонија и власта која ја разграбува Македонија. Станува збор за една анационална власт“, посочи Ковачки.
Тој рече дека нашинците во Швајцарија и Европа се свесни за тоа каква власт има во Македонија.
„Нашите во Швајцарија па и во Европа се многу свесни за тоа каква власт имаме во Македонија и она што го гледаме на терен е тоа колку голема и убава енергија. Огромен број на луѓе останаа надвор од просторијата не можеа да влезат и да слушнат какви пораки имаме да пренесеме“, заклучи Ковачки.
извор:ВМРО ДПМНЕ