Членови на семејства на функционери во бизнисот со струја и иноватори

0
114

Се множат членови на семејствата на функционери кои влегуваат во бизнисот со струја, а за граѓаните сметките се поголеми. Ќе има ли одговорност за раководството на Фондот за иновации, кое го „почести“ внукот на Али Ахмети со над 80 илјади евра?

И семејството на министерот Бочварски во бизнисот со струја
Во бизнисот со струја досега влегоа сопругата на екс премиерот Ковачевски, Елена, синот на поранешниот премиер од СДСМ Зоран Заев, Душко, синот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Шкумбин, како и синот на неговиот сопартиец Муса Џафери, Арјанит.
Наскоро треба да им се приклучи и таткото на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, Венцислав. Иако министерот Бочварски вели дека неговото семејство не е во бизнисот со струја, сепак, компанијата „Техноинвест“ на неговиот татко Венцислав има и фирма “Техноенерџи“ за производство на струја и почнала постапка за урбанизирање на земјиште, објави slobodnaevropa.mk.

Поголемиот дел од земјиштето на кое се планира изградба на фабрика и фотоволтаична централа се во државна сопственост и подрачје на кое има археолошки локалитети.
Од компанијата „Техноинвест“ не откриваат каков објект ќе градат од лесно загадувачка индустрија, ниту ја прецизираат големината на енергетскиот капацитет, кој може да биде до 10 MW.
За изградба на фотоволтаична електрана е потребно одобрение за градба. Имајќи предвид дека планираната фотоволтаична централа е со моќност до 10 MW, тоа значи дека надлежно за издавање на одобрението е токму Министерството за транспорт и врски, со кое сега раководи Благој Бочварски.

Цената на струјата скоро иста, а сметките се повисоки

Речиси да нема граѓани кои за јануари не добиле значително повисоки сметки за потрошена електрична енергија.
Вишата математика со цените на скапата, евтината струја, таксите за пренос, за пристап до мрежа, и.т.н. се неразбирливи за поголемиот дел од граѓаните, но јасно им е дека сумата за плаќање е се поголема.
Се поставува и прашањето колкави би биле сметките за струја доколку не е и наводната субвенција од владата, односно, колкава е реалната цена на струјата.

Според објаснувањето од Регулаторната комисија (РКЕ), за месец јануари дополнителен трошок во сметките за струја е само новата ставка – „пристап до мрежа“, која изнесува 200 денари, односно 236 денари со вклучен ДДВ. Но, некои граѓани за РСЕ се жалат дека во сметките за првиот месец од 2024 покачувањето им е доста поголемо од најавените 200 денари.
Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека има зголемување на цените на струјата во јануари и минатата недела изјави дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика. На граѓаните им порача да се жалат.
„Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“, наведе Бектеши.

Фондот за иновации го почестил внукот на Али Ахмети, Дрин, со над 80 илјади евра

Антикорупциската Комисија побара разрешување на раководството на Фондот за иновации. Се сомневаат во незаконитости при доделување на државни пари на фирми на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од вкупно 6 милиони денари на еден повик за проекти, пет милиони добиле фирмите на младиот Ахмети.
Антикорупционерот Нури Бајрами, презентирајќи го предметот, побара од Владата да ја преиспита целата работа на Фондот затоа што постои, како што вели, основано сомневање за несовесно и противзаконско работење на сите негови органи. „Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6 милиони денари, останува нејасно дали некоја друга компанија воопшто добила пари од Фондот за иновации, изјави Бајрами.

Дрин Ахмети и стана познат на македонската јавност по објавување на договорот за купопродажба на бизнис центарот Соравиа во Скопје, вреден над 30 милиони евра.
Името на Дрин Ахмети повторно се појави во јавноста и кога вечерта пред Нова година, беше приведен од специјалната полициска единица Тигар затоа што во автомобил марка „ренџ ровер“ било пронајдено поголемо количество петарди.
Неговиот брат Бесијан Ахмети беше предмет на разгледување во Антикорупциската комисија поради тоа што како помлад соработник за геолошки истражувања во Министерството за економија, со измени на закони, му се овозможило да стане секретар во амбасадата во Брисел и претходно да биде назначен за економски промотор во Хаг.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk