Собранието на АА ќе се состане во Скопје, Таравари нема да присуствува

Во Скопје за денеска, 10 февруари, закажан е состанок на Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА), кој го свика претседавачот со ова партиско тело Зијадин Села, кој е и поранешен лидер на оваа партија.

Партискиот лидер Арбен Таравари, како што најавија од неговиот табор, нема да присуствува на состанокот кој доаѓа по жестоките јавни конфронтации со Села околу настапот на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.

Села претходно најави дека ќе се бара одговорност од Таравари, па како прва точка на дневен ред е извештајот околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори. Се очекува да се дискутира и околу одлуката на Претседателството на партијата од октомври лани за настапот на парламентарните избори закажани за 8 мај.

Јавните препукувања почнаа откако актуелниот партиски лидер се изјасни дека е за заеднички настап со опозициските партии од албанскиот блок кои се обединети под името Европски сојуз за промени. Села, пак, се залага за самостоен настап што од другиот табор и од опозицијата го толкуваат како соработка со владејачката ДУИ.

Внатрепартиските тензии изминатите денови ескалираа и со физичка пресметка помеѓу поддржувачи на Села и Таравари, а во дворот од куќата на партискиот лидер во Гостивар беше оставен и неиспукан куршум.

Во четвртокот (8 февруари) се одржа и паралелен состанок на собранието, кој Таравари го свика во Куманово. Тогаш од овој табор објавија дека на него присуствувале 75 членови на партиското собрание кои му дале поддршка на Таравари.

Од крилото на Села, пак, собирот во Куманово го оценија како нелегитимен потенцирајќи дека на состанокот имало помалку од 40 членови, а не 75.

„Тој настан не беше Собрание, зашто се знае врз основа на Статутот, дека може да го свика претседателот на Собранието на партијата и има рок од седум дена. Легално Собрание на Алијансата за Албанците ќе биде тоа свикано за в сабота во 13 часот во Скопје. Тоа е легално и процедурално врз основа на Статутот и правните процедури“, рече пратеникот Аднан Незири на 9 февруари.

Поделеноста во Алијанса за Албанците доведе и до реконструкција на техничката влада само десетина дена откако таа беше избрана.

По целодневна седница во Собранието, синоќа пред полноќ пратениците од владејачкото мнозинство гласаа за разрешување на досегашните министри за здравство и за информатичко општество и администрација – Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои му дадоа поддршка на Таравари.

За нови министри, крилото на Села предложи свои кадри – актуелниот директор на тетовската болница Илир Демири за министер за здравство, а Наим Бајрами кој е магистер по политички науки за министер за информатичко општество и администрација.

За нивниот избор, се очекува пратениците да гласаат на пленарна седница во понеделник.

извор: slobodnaevropa.mk