Самостојниот сидникат за образование, наука и култура (СОНК)не ги потпиша Колективните договори до распишувањето на изборите, а причина за тоа се опструкции од државната Комисија за докажување на репрезентативност, тврди претседателот на СОНК, Јаким Неделков на денешната прес- конференција.
Тој обвинува дека Министерството за финансии не си го исполнило ветувањето да ги обезбеди потребините пари. Дополнително цела година бил заглавен процесот за докажување на репрезентативност во Комисијата, која е под директна надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Комисијата е составана од членовите на Економско социјалниот совет, однодно од по три члена од Сојузот на синдикати на Македонија, Организацијата на работодавачи и по еден од министерствата за труд и социјална политика, за финансии и за економија.
„Ова го цениме како злосторничко здружување на членовите на комисијата диригирани од еден центар. Членовите организирано прават опструкција, односно на закажани седници во поседен момент информираат дека не се во можност за присуствуваат. Тоа го прават наизменично и сметам дека се договараат. Тоа истото се прави и со КСС. Целта е да се нема репрезентативност и да не се потпишат колективните договори, а со тоа да паѓа и довербата во синдикатот,“ изјави Неделков.
Тој најави дека членовите на СОНК нема да седат со скрстени раце шест месеци заради претседателските и парламентарните избори и дека во наредниот период ќе преземат поконкретни чекори.
Смета дека и во услови на техничка Влада може да се добие репрезентативност бидејќи не треба да се менуваат закони, туку само да се утврди фактичката состојба.
Според изборните правила, за време на мандат на техничка Влада не може да се потпишуваат колективни договори.
СОНК и МТСП изминатите години го усогласуваа Колективниот договор. Минатата година СОНК се откажа од штрајк, поради ветеното зголемување на платите на просветните работници за 10 проценти, додека за остатокот од јавниот сектор беше ветено 5 проценти.