DW: Османи во февруарски поход -Забрзано издавање пасоши во ДКП

По посетите на дипломатско-конзуларните претставништво во Минхен, Бон и Берн, шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера го посети и конзулатот во Венеција, за да направи увид во динамиката со која македонските граѓани добиваат  патни исправи со новото име на државата.

„Ќе треба да смениме нешто, доста луѓе сте, а ми кажуваат дека термините се до октомври и натаму. Некако да направиме на две смени, да ја донесеме станицата. Што ќе прават до октомври, како ќе се вратат? Затоа, да ги видиме малку списоците. Јас мислев да пратам инспекција во сите ДКП-а, ама решив лично да дојдам. Да видиме колку на ден (се фотографираат-н.з.), што треба да направиме, нема логика (да чекаат-н.з.) до октомври, ќе ги заглавиме луѓето овде“, рече Османи во разговор со вработените во македонскиот конзулат во Венеција, објави dw.com.

Видео од посетата тој објави на неговиот Фејсбук профил.

Министерот на вработените во конзулатот им посочи дека вонредната ситуација бара и вонредно работење, со удвоени капацитети.

„Оваа криза нема да трае две години. Ова е еден месец – два месеца. Ова е вонредна ситуација. И сега треба да се организираме и вонредно да работиме. Затоа во недела доаѓам, за да видам дека и во недела се работи. Ние ќе треба тука да се организираме, да се дуплира бројот на оние што се сликаат“, порача Османи.

Со патен лист само ако е закажан термин

По учеството на 60-тата Минхенска безбедносна конференција, шефот на македонската дипломатија изминатиов викенд го посети Конзулатот во Бон, Германија, а потоа и Амбасадата во Берн, Швајцарија, каде заради голема фреквентност на  барањата за патни исправи  беа ставени во функција и мобилни станици, со цел да се скрати чекањето на граѓаните. Со тоа, во Бон и Берн работат два пункта и два тима фотографираат. Според Османи, олеснителна околност е и одлуката на Швајцарија да им дозволи на  македонските граѓани да патуваат и со стари патни исправи.

„Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација, поради роковите што произлегуваат од политичките договори. Меѓутоа, потсетувам дека и со одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи, ги олесни нашите услуги кон државјаните“, рече Османи.

Такви искуства имале македонски државјани и во други земји, објасни министерот при посетата на конзулатот во Минхен, но порача дека е најбезбедно тие што поскоро да си обезбедат нови патни исправи. На оние кои со патен лист ќе дојдат во РСМ, им предочи дека тоа треба да го направат само ако претходно си обезбедиле сигурен термин за фотографирање.

„Дел од граѓаните веќе покажуваат искуства дека  некои држави и не прават проблеми  за доаѓање во Скопје, но сепак најбезбедно е да земат или патен лист, или да дојдат да се сликаат за нов пасош. Тоа што е важно за граѓаните кои се враќаат во државата со патен лист е дека треба да се сигурни дека таму во Скопје имаат закажано термин или дека  ќе го добијат пасошот  во рокот колку што можат да останат, бидејќи ќе биде тешко враќањето доколку немаат пасош. Најсигурен начин е да се сликате во дипломатско-конзуларните претставништва и да го добиете пасошот“, порача Османи.

Забрзана динамика

Над 300  пасоши на граѓани  кои се фотографирале од 23-ти до 26-ти јануари, преку МНР минатата недела веќе стигнале во Минхен. Според Османи тоа значи дека рокот на чекање значително е скратен, за разлика од пред неколку месеци кога било проценето дека во просек се чека од 6 до 9 месеци од денот на фотографирањето до денот на  издавањето на патната исправа.

Поволни податоци шефот на дипломатијата слушна и во Берн. Македонски граѓанин од Арачиново кој штотуку ја доби новата патна исправа кажа дека се фотографирал во декември.

„Од декември досега реално не сте чекале долго. Во Скопје чекаат уште повеќе“, рече Османи.

Во конзулатот во Венеција, според присутните соговорници на Османи, за нова патна исправа се чекало 15 дена. Министерот објасни дека мобилната станица која се користи во конзулатот во Венеција, се користи и во Амбасадата на РСМ во Рим и во Малта, според однапред утврден распоред.

ИЗВОР: dw.com