Путин се заканува со нуклеарна војна

„Тие (Западот, н.з.) би требало конечно да сфатат дека и ние имаме оружје со кое можат да се погодат цели на нивна територија“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во својот годишен говор за состојбата на нацијата, одржан пред двата дома на рускиот парламент.

На овој начин Путин се осврна на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој не исклучи испраќање копнени трупи во Украина. Оваа изјава на Макрон наиде на критика кај бројни членки на НАТО, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, како и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Сѐ што ним моментално им паѓа на памет, со што го плашат светот, создава реална закана од судир со употреба на нуклеарно оружје, што значи уништување на цивилизацијата. Зарем не разбираат дека постои опасност од нуклеарен конфликт?“, запраша Путин.

Рускиот претседател истакна дека силен глобален поредок веќе не е можен без Русија. Тој, како што рече, е спремен да разговара за евроазиската безбедносна архитектура. „САД ја демонтираа сигурноста во Европа“, рече Путин, додавајќи дека Западот се обидува да ја вовлече Русија во трка во вооружување. Во тој контекст го критикуваше приемот на Финска и на Шведска во НАТО. „Русија поради тоа е присилена да ги зајакне своите безбедносни сили на западните граници“, оцени Путин.

„Народот работи во три смени“
Во врска со руската агресорска војна против Украина, Путин ја истакна поддршката која ја има кај „апсолутно мнозинство од населението“. Во својот говор тој им заблагодари на граѓаните за нивната поддршка на „специјалната воена операција“, како што гласи рускиот официјален назив за инвазијата врз Украина. „Народот работи во три смени за да ги покрие потребите на фронтот“, рече Путин, повикувајќи на минута молк за загинатите во Украина. Истовремено, тој апелираше до граѓаните и фирмите да донираат пари и топла облека за војниците, кои ги нарече „херои“.

Рускиот претседател потсети и на десетгодишнината од анексијата на Крим, која е спротивна на меѓународното право. Според него, земјата со гордост гледа на она што е постигнато. „Русија никому нема да дозволи мешање во нејзините внатрешни работи“, порача Путин.

Два недели пред претседателските избори во Русија, Путин најави национална програма за поддршка на семејствата, модернизација на здравствениот систем и зголемување на минималната дневница.

Претседателските избори во Русија се одржуваат на 17 март, а реизборот на Путин се смета за сигурен.

DW