Момче на 14 годишна возраст синоќа околу 19.30 часот е пронајдено без знаци на живот со повеќе убодни рани и надворешни крвавења во центарот на Прилеп на тротоарот од булеварот „Гоце Делчев“ наспроти Домот на културата „Марко Цепенков“. Не давало знаци на живот и било пренесено во градската болница каде биле безуспешни сите обиди да се реанимира.
-Во 19.35 часот добивме повик за интервенција на булеварот. Констатиравме дека лицето има повеќе надворешни крвавења, не даваше знаци на живот. Беше пренесено на одделот за анестезија и реанимација при градската болница, но сите обиди за негова реанимација беа безуспешни – ни изјави дежурниот лекар при Службата за итна медицинска помош во Прилеп.
Увид направија полицијата и основен јавен обвинител. Наредена е обдукција на телото на 14-годишното момче.
– Трагичниот настан се случил во периодот од 19 до 20 часот. Според првичните сознанија, момчето било нападнато со остар предмет, сѐ уште не се знае дали од едно или повеќе лица. Било нападнато пред „Деветтокатницата“ во центарот на Прилеп. Пронајдено е со многу крвави убодни рани на тротоарот на булеварот „Гоце Делчев“, веројатно се обидело да се оддалечи од местото на нападот. Наредена е обдукција на телото за да се констатираат причините за смрт – вели основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.
plusinfo.mk