Силјановска Давкова: Претседателот некогаш треба да стави и вето

Власта ѝ нанесе голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија и тоа е една од причините зошто се кандидирала повторно за претседател на Македонија, рече кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа. Според неа времето што го живееме е поинакво од претходните претседателски избори во 2019 година

Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат, рече Силјановска Давкова.

Според неа, власта наместо да пласира идеи, проекти, планови, „таа ја троши енергијата во ветар, во навреди и негации“ и посочи дека сака да разговара со кандидат за проекти, планови и граѓаните да судат по тоа и по тоа да гласаат.

Каков претседател сте вие, какви национални државни интереси браните ако велите за сите важат, а особено за нас пресудите од Стразбур, но не важат за другите. Сите држави, сите народи имаат малцинства што е логично во соседството, ама ние ќе се откажеме од нашето, ќе заборавиме на пописите во Бугарија, ќе заборавиме на училиштата во Бугарија, ќе заборавиме на библиотеките и на театрите во Бугарија за Македонците. Ама тоа што не важи за над 180 000 луѓе по пописите во Бугарија, што се случи, важи за 1500 луѓе кои се декларирале Бугари, а кои според нашиот Устав се целосно заштитени. Нашиот Устав има цел еден дел за заштита на правата на малцинствата, истакна Силјановска Давкова.

За сите проблеми поврзани за надлежностите на претседателот таа рече дека има „предлог излезно решение“.

Тоа е она што е најважно ние да го сториме, да ги видиме проблемите и да ги надминеме. Дури некогаш нема потреба од уставни измени туку има потреба од практикување и на вето, и на обраќања, и на најдобри кандидати во Судски совет, и на најдобри кандидати на Уставен суд, и на најдобар прв човек на Генералштабот, и на различни тела кои при претседателот ќе обединуваат, вклучувајќи ја дијаспората. Ништо од тоа досега не го видовме, рече кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.