Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво. Истовремено, измените на Законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.

Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Исто така, во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе даде, сега е прецизно регулирано како медиумите и колку средства ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво.