Џафери: Правото на протест го поддржувам, колективните договори на Универзитетите согласно процедурите и законските одредби, ќе се реализираат по изборите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска на прес-конференција, ја информираше јавноста за хронолошкиот тек на настаните, во однос на колективниот договор за универзитетите, кој што согласно процедурите и законските одредби ќе се реализира по завршувањето на изборите.

Претседателот на Владата, Џафери истакна дека веднаш по завршувањето на изборниот процес ќе продолжи процедурата по оваа прашање, без разлика кој ќе биде претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

„Правото на протест и правото на штрајк е основно право на секој граѓанин во Северна Македонија и за тоа право почит до крај. Но, сите ние сме обврзани да зборуваме вистинито и правилно да ја претставиме вистината“, рече на прес-конференцијата претседателот на Владата, Џафери.

Премиерот Џафери истакна дека петте Универзитети на негова иницијатива биле на средба во Собранието на Република Северна Македонија, додека ја извршувал функцијата претседател на законодавниот дом, каде ги упатил според примерот на УКИМ да подготват колективен договор. Состанокот во Собранието се одржал во присуство на ректорите на Државниот универзитет во Тетово, универзитетот „Мајка Тереза“, на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, на Битолскиот универзитет „Климент Охридски“, а на средбата не дошол претставник на Универзитетот во Охрид.

„Ги упатив на примерот на УКИМ како треба да го подготват текстот за колективен договор. И обезбедив комуникација со претседателот на синдикатот на УКИМ, тие ги подготвија документиве и ги доставија во Собранието по следен редослед: Климент Охридски Битола на 05.05.2023 достави барање со материјали, Универзитетот Св.Апостол Павле – Охрид доставија на 16.10.2023, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, доставија на 18.10.2023, Универзитетот Мајка Тереза доставија на 20.11.2023 и Универзитетот во Тетово доставија на 29.12.2023, што кореспондира по случајност со една година од потпишувањето на договорот со УКИМ“, рече премиерот Џафери.

Распишувањето на парламентарните и претседателските избори, како и назначувањето на тогаш претседателот на Собрание на Република Северна Македонија, Талат Џафери за премиер на техничката влада оневозможија за толку краток рок да се завршат правните процедури со оглед на фактот што последното барање за колективен договор е пристигнато до Собранието на 29 декември, 2023 година, а актуелниот премиер Џафери стапи на функција во Владата во јануари 2024 година.

„На крајот на јануари се направи измена, односно замена на функциите претседател на Собрание–премиер. На 28 јануари беше изборот на Владата. Од 28 јануари, до 14 февруари, тоа се 14 дена, не можете да ги завршите постапките и процедурите за да потпишете соодветни акти. И со законот за работни односи е пропишана соодветна процедура која треба да се следи во евалуација на сите овие документи. Со законот односно со измените на Законот, изричито меѓу другото е забрането, од распишување на избори до завршување на избори, да се потпишуваат општи колективни договори и посебни односно поединечни колективни договори“, рече премиерот Џафери.

Претседателот на Владата, Џафери апелираше да не се користат Универзитетите и стручната фела во предизборна кампања и во прилог на дневна политика, бидејќи колективните договори на петте Универзитети, согласно процедурите ќе бидат завршени веднаш по изборите.

„Правото на протест, на штрајк е неприкосновено право на секој граѓанин во оваа држава, која до крај ја почитувам и ја прифаќам како таква. Но, моментумот на таквиот начин на барања на реализација на определено право, претходно знаејќи дека има законски пречки, поготово носители на протестот, претседателите на синдикатите кои по природа треба да се од правната фела, прават дејствија кои никако поинаку не можам да ги сфатам освен како предизборна кампања, кои одат во прилог на дневна политика, повеќе него што одат во прилог на самите вработени и заинтересираните кои имаат придобивка од содржините на овие договори“, истакна премиерот Џафери.

УКИМ, како што посочи премиерот, склучи колективен договор на 29 декември 2022 година, а истиот стапи во сила за осум дена, односно на почетокот од јануари 2023 година, со напомена дека колективниот договор за УКИМ се применува од 1 јануари 2024 година, со оглед на фактот дека буџетот за 2023 веќе беше донесен во Собранието и немаше планирано дополнително средства. Премиерот Џафери посочи дека всушност цела 2023 година беше година за буџетирање и подготовка за спроведување на тој договор.