Опозицијата алармираше, власта конечно се освести. На изборите ќе може да се гласа и со истечени лични документи, чија важност престанала во периодот од девет месеци до денот на изборите. За да не биде прекршено правото на глас на над 100.000 граѓани, пратениците конечно за нешто постигнаа консензус, што е вистинска реткост во законодавниот дом – со 109 гласа за, Собранието ги усвои измените во изборниот законик.
Техничкиот министер веќе подолго време бараше од пратениците да ги изгласаат овие измени со цел да се намали опасноста проблемот со издавањето на лични документи со новото уставно име да се одрази врз изборите.Преодната одредба за да може да се гласа со лична карта или пасош чија важност истекла во последните девет месеци, важи само за претстојните два изборни циклуса. За сите следни избори, ќе може да се гласа со истечени документи но само ако важноста истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување. Својот глас ќе може да го дадат и лицата кои ќе станат полнолетни помеѓу двата круга на претстедателските избори, односно, од 24 април до 8 мај. Дополнително ќе бидат внесени во избирачкиот список доколку имаат личен документ. Измените во изборниот законик беа усвоени заедно со пакетот измени кои се однесуваат на препораките на ОБСЕ и ОДИХР – постапката на приговор, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања и нејзиното финансирање, медиумското преставување на учесниците.