Пар од Велес после 21 година борба со нплодност, конечно станаа родители на ќеркичка

0
206

Приказната на Елизабета и Тони Трајковиќ ќе им влее надеж на сите оние кои се соочуваат со потешкотии при зачнување на бебенце.

Парот од Велес се бореше со неплодност 21 година пред конечно да се израдува на прекрасна ќеркичка.

Брачните партнери долги години се обидувале да зачнат по природен пат, но за жал не успевале, па желбата да станат родители се обидоа да си ја остварат по пат на инвитро оплодување.

Елизабета потенцира дека најпрво мора самите да прифатиме дека постои проблем, за потоа да го побараме соодветното решение. „Секој човек има по некој проблем, но сепак доколку се трудиш, ќе успееш да ги совладаш сите препреки и да го решиш проблемот“ – изјави таа за Femina.mk.

Секој човек има некаков проблем во животот. За нас беше проблем што не можевме долги години да се оствариме како родители. Многу двојки се соочуваат со ваков проблем и многу е тешко, бидејќи годините минуваат. Секогаш се прашуваш зошто баш ние, но немаш одговор.

На почетокот мислевме има време, млади сме, ќе биде. Но, не се случи. Почнавме да одиме на лекар и ни велеа, сè ќе биде во ред, но времето си минуваше и на крај се одлучивме за инвитро.

Првото инвитро го направивме во државна болница, но без успех. Второто го направивме по две години во приватна болница, со многу добар доктор. Но, повторно без успех. Тогаш многу се разочаравме, бидејќи очекувавме дека ќе успее, но ништо.

Иако првите две инвитро постапки биле неуспешни и нивното разорачување растело од ден на ден, Елизабета и Тони не се откажале од нивната животна желба.

Третата инвитро постапка, Трајковиќ ја направиле во Њуборн Клиника во Скопје.

Стручноста на д-р Татјана Гуржанова им помогнала да стигнат до вистинската терапија, за третото инвитро конечно да биде успешно.

Кога повторно се решивме за трето инвитро, дојде пандемијата со коронавирусот. Сопругот се разболе и мораше да почекаме извесен период пред повторно да се обидеме.

Потоа, јас морав да направам мала операција, па да може да правиме инвитро. И така низа препреки додека да стигнеме до третото инвитро.

Пред да одиме во Њуборн Клиника решивме да отидеме на Острог, да се помолиме за нашата желба да се оствари конечно и да имаме бебе. Додека бевме таму, чувството беше неверојатно, со некаков мир во душата.

Добивме ваучер од Фондот и отидовме најпрво на разговор со докторката Татјана Гуржанова. Носевме копии од документите што ги поднесовме во Фондот и резултатите од испитувањата што ги правевме по препорака на матичниот гинеколог. Најпрво, докторката нè прати на уште некои испитувања пред самата процедура и потоа го започнавме процесот.

Искрено, немавме баш некоја надеж дека ќе останам бремена, но сепак решивме да правиме инвитро, бидејќи веќе имав 43 години, а времето минуваше. Така со мала надеж стигнавме до денот кога требаше да се направи тест за бременост. На наше изненадување се случи чудо – тестот беше позитивен.

Кога го видов тестот, не можев да поверувам дека после речиси 21 година, гледам позитивен тест. Во моментот чувствуваш и среќа и страв. Не можеш да поверуваш на своите очи.

Елизабета признава дека постоела опасност од компликации и поради тоа морала да мирува во првите месеци од бременоста.

Кога првпат отидов на преглед, беше само една точка која значеше живот на едно мало бебе. Но, морав да лежам во првите 3 месеци, бидејќи постоеше опасност да го изгубам. И така времето поминуваше во неверување.

Поминаа 3 месеци и препорака на докторката беше да направиме Nifty тест поради моите години. На денот на нашата 22-годишнина, ни јавија дека ќе имаме здраво женско бебе.

Бевме пресреќни што е женско и што сè е во ред. Сè до крај не ни се вервуваше, но почнавме да се подготвуваме за нашето бебе кое требаше да пристигне. Во текот на цела бременост, морав да примам неколку видови инјекции и друга терапија, кои ни помогнаа да дојде на свет нашето бебувче.

Елизабета ја роди ќеркичката Милица само два дена пред својот 44-ти роденден. Слободно може да се каже дека тоа е најубавиот и најскапоцениот подарок што може да го добие една личност.

femina.mk