Македонската полиција ќе користи 10 специјални возила за надзор, со термални камери со домет од 10 километри. Досега се вложени три милиони евра во специјални возила за надзор на границите.
Со дронови, боди камери, специјални возила за надзор ќе се сузбива криминалот на границите. Македонската полиција ќе користи 10 специјални возила за надзор, со термални камери со домет од 10 километри. Станува збор за мобилен систем за надзор, со што секоја станица ќе има извидувачка камера.
Тие ќе регистрираат движење и ќе праќаат слика, по четири во секоја станица. Набавени се сим картици за пренос на сликата од камерата до дежурниот и други адреси на кои е сетирана камерата. Се чека да пристигнат и осум дрона – по два за секој регионален центар.
Боди камери снимија поткуп
Во функција е и дигиталната алатка против корупцијата – боди камерите со кои изминативе денови беше снимен случај на поткуп од грузиски државјанин кон македонски полициски службеник на ГП Табановце.
Модернизацијата на граничните премини се очекува да ја зголеми безбедноста и да помогне во откривање на „лепливите“ прсти на границите, обиди за илегален премин или друг вид на криминал.
Во периодот од јануари до февруари 2024 година токму на граничниот премин Табановце поминале 696.518 патници. Граничната полиција извршила селективна контрола на 28.278 патници,при што се откриени шест кривични дела и 59 прекршоци. Oткриени се и вкупно осум фалсификувани документи.
Илегалната миграција како проблем
„Во однос на истиот период лани се бележи тренд на зголемување на бројот на откриени документи за 14,9%. Исто така откриен е еден случај на сомнение за фалсификувано возило. Во делот на илегална миграција во однос на истиот период лани се бележи тренд на зголемување на бројот на откриени илегални мигранти за 60%”, вели дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев.
Тој при посетата на полициската станица на преминот Табановце, информираше дека извештаите на европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, како и другите релевантни организации, во своите извештаи за Северна Македонија бележат високи резултати потврдувајќи го кредибилитетот на МВР на регионално и меѓународно ниво во борбата против илегалната миграција.
DW