Залихи од опасен пестицид се уште се употребуваат во земјоделието

0
64

Во Хрватска годинава биле откриени три, a лани една пратка зеленчук увезен од Северна Македонија што содржел опасни пестициди. Државниот инспекторат за РСЕ потврдува дека залихи на пестицидот хлоропирфос, забранет во ЕУ од 2020, се уште се користат во земјоделието. Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека домашниот зеленчук е безбеден.

Иако овошје и зеленчук се продава речиси во секој маркет, граѓаните со кои разговаравме и натаму преферираат да купуваат на локалните пазари. Причината за тоа, објаснуваат лежи во тоа што повеќе им веруваат на домашните производители.

„Повеќе од 10 години со мојот сопруг купуваме од овој пазар, никогаш немало проблем. Доматите, пиперките, кромидот, сите продукти секогаш се тазе“, вели за РСЕ, Љуба Милева, која ја сретнавме како пазарува во пазарот во населба Ченто во Скопје.

Во непосредна близина на пазарот се наоѓаат неколку познати поголеми маркети, но пазарот вели Милева, за неа секогаш е прв избор.

„Не велам дека таму не е добро, но овие луѓе директно од бавча ги продаваат овде производите, додека во маркетите се е увезено. Не секогаш се свежи производите, а ги прскаат и со хемикалии, па затоа само на изглед се поубави, додека овде пак, на пазарче, се е природно“, додава Милева.

Сепак како и на овој пазар, така и на другите пазари ширум Скопје но и во земјава исто така се продава и зеленчук и овошје увезено од други држави.

Но, и покрај тоа и производителите со кои разговаравме на пазарот велат дека граѓаните повеќе им веруваат.

„Ние садиме компири, краставици, зелка, морков, се има кај нас. Луѓето знаат дека е чисто бидејќи ги одржуваме бавчите, ја преработуваме земјата на природен начин, и ние се храниме од ова, досега се било во ред“, вели производителка за РСЕ која продава на пазарот во Ченто, објаснувајќи дека со нејзиниот сопруг имаат повеќе ниви во скопското село Раштак и со децении се занимаваат со оваа дејност.

Колку овие земјоделски производи се безбедни е прашање што секогаш се поставува кога ќе биде откриен зелечук и овошје произведено во Северна Македонија кое содржи пестициди или други штетни материи. А тоа се открива кога тие производи, затоа што се подложни на повеќе контроли, не секогаш ја поминуваат границата и стигнуваат до пазарите во посакуваната дестинација.

Сомнителна пратка со зеленчук уништена на хрватската граница

Според последните податоци на системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (РАСФФ), од Северна Македонија во Хрватска лани и на почетокот на годинава биле откриени вкупно четири пратки со зеленчук кои во себе содржеле голема доза на штетни пестициди.

Поради ова, пратките не ги поминале контролите на хрватската граница, а на страницата на РАСФФ стои дека тие добиле етикета како „потенцијално ризични“ по здравјето на граѓаните.

Последниот ваков случај е евидентиран на 19 февруари, 2024 година.

Станува збор за мешана салата која во себе содржела хлорпирифос, пестицид опасен по здравјето, кој според последните истражувања, објавени на страницата на РАСФФ системот, доколку се консумира, кај децата може да придонесе до нарушувања во развојот на мозокот, како и зголемена хиперактивност.

Количината на хлорпирифос која била откриена во спорната пратка изнесувала 0,055 милиграми во еден килограм, а дозволената количина на овој пестицид во одреден производ, според европските стандарди, е нула. Случајот го потврдуваат и македонските власти.

„Пред извесно време имаше информација од РАСФФ системот дека во една пратка од нашава држава биле откриени остатоци од хлорпирифос, пестицид кој не е дозволен и кај нас и во ЕУ. Па затоа пратката била поништена веднаш на самата граница“, вели за РСЕ директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски.

 

 

slobodnaevropa.mk