Историски подвиг во светски рамки постигна Мирјана Симоновска, 74-годишна жена од Делчево која неодамна го освои 5.895 метри високиот врв на планината Килиманџаро во Африка. Вели дека ѝ недостасува друштво за што почесто да оди по планини, кои ги искачува веќе 20 години.
Годините се само бројка. Така вели Мирјана Симоновска, единствената Македонка која на 74-годишна возраст го искачи Ухуру, највисокиот врв на планината Килиманџаро. Подвигот се случи на почетокот од март годинава.
Беше ли тешко, ја прашавме Мирјана.
„Да, многу тешко“, ни одговори.
Симоновска застана покрај македонското знаме на 5.895 метри надморска височина. Таа влезе во светската листа од само неколкумина планинари и планинарки што на таа возраст го освоиле највисокиот врв во Африка.
Само неколкумина во светот успеале во подвигот
„Таму ни соопштија дека во 2015 година една жена на таа возраст го искачила врвот, а после неа и еден маж на слично годиште, и сега јас“, вели Мирјана.
Симоновска живее во Делчево. Откако се опорави од подвигот, со неа излеговме на прошетка низ Градскиот парк во Скопје, каде ни раскажа како изгледала експедицијата во Танзанија.
„Навечер во десет часот нè разбудија, вечеравме и во 23 часот тргнавме да искачуваме со челни лампи. Патот до горе траеше околу десет часа“, раскажува Мирјана.
Вели дека нејзиното искачување се следело со големо воодушевување.
„Кога продолжив да искачувам над 5.600 метри висина, помладите членови на експедицијата, кои веќе се симнуваа надолу, ме прегрнаа велејќи ми дека не им се верувало дека ќе го искачам врвот“, објаснува планинарката.
Категорична е дека во ниту еден момент не се двоумела, ниту се премислила да се врати назад.
Решителност до крај
„Главната мисла беше да се искачам на врвот. Не се премислив и не помислив да се вратам назад. Тоа воопшто не ми беше на памет“, вели Симоновска.
Додава дека во мигот кога се качила на врвот, останала без зборови.
„Од што бев пресреќна што се искачив, не знаев што повеќе да кажам. Многу бев возбудена“, вели Мирјана.
Сепак, спуштањето ѝ било многу потешко.
„Се лизга надолу, имаше песок, мораше со петата да се гази. Двајца од водичите ме држеа под рака и полека се симнувавме“, раскажува Симоновска.
На крајот од подвигот ѝ доделиле и сертификат, на кој стојат датумот, нејзиното име, презиме, како и возраста на којашто се искачила.
Сепак, Симоновска е скромна за подвигот и за сознанието дека е една од малкуте лица што на нејзина возраст се искачиле на Килиманџаро.
„Не знам. Не размислувам воопшто за тоа. Битно ми е дека ја исполнив желбата, да го освојам тој врв“, вели Сиомовска, која повеќе од 20 години е по планините со голем број искачени врвови над 2.000 метри надморска височина.
Сепак, последните две години многу ретко искачувала и немала можност да се подготвува активно за експедицијата на Килиманџаро.
„Немав никакви тренинзи. Едноставно, на среќа тргнав да се искачувам“, вели Симоновска.
VOA