Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

0
61

На 31 март Романија и Бугарија делумно се приклучија на европската зона без проверка на патните документи, што означи нов чекор во подлабоката интеграција на овие две земји-членки во Европската унија (ЕУ), објави slobodnaevropa.mk.

По долгогодишни преговори за приклучување во таканаречената Шенген зона, сега има слободен пристап за патниците кои пристигнуваат по воздушен или морски пат.

Сепак, копнените гранични контроли ќе останат во сила поради противењето првенствено од Австрија, која долго време го блокираше нивниот влез во Шенген поради загриженоста за илегалната миграција.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави потегот како „огромен успех за двете земји“ и „историски момент“ за најголемата зона за слободно патување во светот.

Шенген зоната е основана во 1985 година. Пред приемот на Бугарија и Романија, таа се состоеше од 23 од 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Секој ден, околу 3,5 милиони луѓе ја минуваат внатрешната граница на Шенген.

Австрија стави вето на приемот на Романија и Бугарија во Шенген зоната на крајот на 2022 година, но и дозволи на Хрватска целосно да пристапи. Бугарија и Романија се приклучија на ЕУ во 2007 година, а Хрватска во 2013 година.

Зигфрид Муресан, романски пратеник во Европскиот парламент, изјави за Асошиејтед прес дека тоа е „важен прв чекор“ од кој ќе имаат корист милиони патници годишно.

„Бугарија и Романија со години ги исполнуваат сите критериуми за влез во Шенген зоната – ние имаме право да се приклучиме со копнената граница“, рече тој, додавајќи дека тоа „ќе и даде дополнителни аргументи на последната членка на ЕУ која стави вето на целосниот пристап .

Романскиот премиер Марсел Чолаку го нарече „заслужено достигнување“ за Романија, што, според него, ќе им користи на граѓаните од полесно патување и ќе ја зајакне економијата.

„Имаме јасен и цврсто воспоставен владин план за целосно пристапување во Шенген зоната до крајот на годината“, рече тој.

Европската комисија повеќе од една деценија вели дека и Романија и Бугарија ги исполнуваат техничките критериуми за целосен пристап, за што е потребна едногласна поддршка од нивните партнери. Двете земји се согласија да спроведат случајни безбедносни проверки на аеродромите и поморските граници за борба против илегалната миграција и прекуграничниот криминал.

Возачите на камиони често се заглавени во редици долги километри на границите и на Романија и на Бугарија. Унијата на меѓународни превозници во Бугарија проценува дека одложувањата го чинат секторот десетици милиони евра секоја година.

извор: slobodnaevropa.mk