Контроверзната делумна легализација на канабисот во Германија, која ја прославија околу 1.500 страсни пушачи на марихуана пред Бранденбуршката порта во центарот на Берлин, ги доведува германските компании пред нови административни предизвици. Дали во иднина е дозволено пушење марихуана на работното место? Германската агенција ДПА праша неколку поголеми корпорации како генерално се регулира справувањето со зависностите како алкохолот на работното место и што се менува со легализацијата на канабисот.
Кај добавувачот на автомобили Континентал, употребата на алкохол и други опојни средства е јасно регулирана преку локални колективни договори, соопшти компанијата. Како по правило, постои апсолутна забрана за консумирање алкохол и опојни средства на локации во Германија, без да се прави разлика помеѓу алкохол, канабис и други опојни средства. Ова е случај и со договорот на Континентал.
Производителот на автомобили БМВ информираше дека се во тек разговори со синдикатите за да се склучи посебен колективен договор за ова прашање. При што се уште важи правилото дека „вршењето на какви било работни задачи под дејство на опојни средства е забрането“, велат од БМВ Истото важи и за Дајмлер – строго е забрането и конзумирање на какви било опојни средства за време на работното време. И во Дојче Телеком нагласуваат дека кај нив има колективни договори кои вклучуваат и користење на опојни дроги и дека овие договори сега ќе се надополнуваат со оглед на новата ситуација.
Кој ќе го контролира сето ова?
Иако министерот за здравство никогаш не бил голем поборник за легализација, тој не беше ниту против актуелната забрана. „Системот целосно пропадна“, вели Лаутербах, укажувајќи на зголемениот нелегален пазар и зголемената потрошувачка, дури и кај децата и младите. Според Министерството за здравство, повеќе од четири милиони луѓе во Германија повремено или редовно консумираат канабис, иако тој досега беше нелегален.
Отсега тоа им е дозволено на возрасните. Можат да имаат 25 грама со себе и дури и до 50 грама дома. Пушењето трева е дозволено и на јавни места – но не во текот на денот во пешачките зони, доколку се присутни деца и млади луѓе или во близина на детски игралишта, градинки и училишта. Има забранет појас од 100 метри околу влезовите.
Но, кој ќе го контролира? Полицијата се плаши од дополнителни трошоци, а министрите за внатрешни работи на сојузните покраини гласно ја критикуваа легализацијата. Дополнително, судството ќе мора ретроактивно да ги укине претходно изречените казни поврзани со канабис, доколку тие веќе не се извршени.
Како што можеше да се очекува, овој закон на владејачката коалиција наиде на отпор кај опозициските демохристијани. „За мене е необјасниво зошто владејачката коалиција е толку ‘хај’ кога станува збор за легализација на марихуаната“, изјави баварскиот премиер и лидер на христијанските социјалисти ЦСУ, Маркус Зедер. Тој најави дека новиот закон ќе се применува „екстремно рестриктивно“ во неговата провинција. Дополнително, демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ) најавија дека ќе ги разгледаат сите можности за тужба и ќе се обидат што поскоро повторно да ја укинат легализацијата.
DW