Пратеници и од власта и опозицијата изразија подготвеност идниот состав македонското Собрание што ќе биде избран на 8 мај, да донесе декларација за геноцид во Украина. Украински пратеници на средба во македонскиот парламент разговараа и за интеграцијата во ЕУ и предложија кандидатите да формираат сојуз.
Северна Македонија да ја признае руската агресија врз Украина како геноцид врз украинскиот народ. Истото, да го направи и за Гладоморот од 30-тите години на минатиот век.
Вакви барања од идниот парламентарен состав што ќе се формира по изборите на 8 мај во Северна Македонија, побараа двајца украински пратеници на средба на 4 април во Скопје со Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
Според воспоставената пракса, македонскиот парламент не одржува седници во предизборен период за да нема злоупотреба на собраниската говорница. Но Собранието денеска ја отвори вратата за средба на се уште актуелните македонски пратеници со колегите од Врховната Рада на Украина.
„Би сакале Северна Македонија да не ги прекинува традициите во континуирана помош на Украина. Би сакале Северна Македонија да донесе одлуки во две работи и тука ќе бараме ваша поддршка. Како прво, Северна Македонија да го признае Гладоморот така како што тоа го направија водечките земји во светот и второ ние би барале Македонија да ги признае дејствијата на државата агресор Русија како геноцид кон украинскиот народ“, рече пратеникот Михаило Борисович Радутскиј, претседател на Комисијата за јавно здравје, медицинска нега и здравствено осигурување во Врховната Рада на Украина.
slobodnaevropa.mk