Илон Маск во посета на Пекинг

0
54

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, пристигна во Кина на 28 април, објавија кинеските државни медиуми.

Ова е второ патување на технолошкиот милијардер за помалку од една година на најголемиот светски пазар на електрични возила.

„На покана на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, извршниот директор на Тесла (САД) Илон Маск попладнево пристигна во Пекинг“, соопшти државната телевизија CCTV.

Државните медиуми објавија дека Маск се сретнал со Рен Хонгбин, шеф на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, „за да разговараат за следните чекори во соработката и за други теми“.

Маск има сериозни бизнис интереси во Кина, а неговата последна посета во оваа земја беше во јуни минатата година.

Маск е контроверзна личност на Запад, но во Кина електричните возила на Тесла станаа главен производ на урбаниот живот на средната класа.

Пристигнувањето на Маск во Кина се совпаѓа со жестоката ценовна војна меѓу компаниите кои очајно сакаат да напредуваат на висококонкурентниот пазар на електрични возила.

Посетата доаѓа и во време кога Пекинг е домаќин на голем саем за автомобили.

Локалниот кинески автомобилски гигант BID – „Build Your Dreams“ – го победи токму Тесла во четвртиот квартал минатата година и стана најпродавано електрично возило во светот.

Сепак, Тесла ја врати оваа титула во првиот квартал од оваа година, но BID останува цврсто на врвот на својот домашен пазар.

 

slobodnaevropa.mk