Граѓаните избираат шеф на државата и пратеници

0
42

Кој ќе ја води државата во следните пет години? Изборот денеска ќе го направат граѓаните на Северна Македонија кои oд 7 до 19 часот гласаат во вториот круг од претседателските избори. Денеска се одржувааат и 11-тите парламентарни избори, за кои според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) право на глас имаат 1.815.350 избирачи. За вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, поради граѓаните кои во меѓувреме станале полнолетни и тие ќе може да гласаат само за избор на пратеници. На парламентарните избори гласачите ќе можат да избираат меѓу 17 листи на кандидати за пратеници. На листите има 1.755 кандидати, од кои 1.002 мажи и 753 жени.

Гласањето на двојните избори ќе се одвива на 3.480 избирачки места и на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии. Но избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да пристапат на гласачкото место и да го остварат избирачкото право. Претходно гласачот ќе биде прашан – дали сака да гласа за претседателските, за парламентарните или за двата изборни процеса?

Вчера, за вториот круг од претседателските и на парламентарните избори веќе гласаа пријавените болни и немоќни лица, а гласање се спроведе и во казнено-поправните, како и установите за вонсемејно згрижување. Гласање во дијаспората се реализира само за вториот круг од претседателските избори, но не и за парламентарните избори, бидејќи немало доволен број пријавени македонски државјани.

Домашни и странски набљудувачи
Акредитирани 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи ги следат денешните двојни избори. Најмногу, 410 набљудувачи и 14 експерти, има акредитирано Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Парламентарното собрание на ОБСЕ има 138 набљудувачи, ад хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа – 33, Амбасадата на САД во Скопје – 68. Од домашните организации најмногу набљудувачи 752 има Здружението за развој на општествено-социјални иновации „Вејк ап“.

Ангажирани се 85 преведувачи, а текот на изборниот процес и резултатите од него ќе го следат 83 странски новинари и медиумски работници од регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиетед прес, Ал Џазира, Франс прес.

Пријава за повреда на избирачко право
Заради заштита на избирачкото право на граѓаните, Народниот правобранител денеска ќе презема итни мерки за ефективно постапување од надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Во канцеларијата на Народниот правобранител од 7 до 19 часот ќе може да се пријави каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Освен телефонски на бесплатниот број, повреда на избирачкото право граѓаните ќе можат да пријават и лично во главната канцеларија во Скопје, на улица Македонија бр.19. Дежурни канцеларии на Народниот правобранител ќе има и во Струмица на телефонскиот број (034)329-996, во Кичево (045) 228-586, Тетово (044) 344-082, Битола (047) 242-310, Штип (032) 389-701 и во Куманово (031) 431-488.

 

DW