На Џафери не му се зборува за опозициските денови на ДУИ

Одењето во опозиција тешко ќе им падне на ДУИ. Талат Џафери не сака ни да мисли ни да зборува за тоа. Се дистанцира од ставовите на останатите во високото раководство на партијата дека по секоја цена мора да бидат во влада бидејќи биле победници во блокот на етничките Албанци. Тој немаше конкретен одговор на прашањето дали е подготвен да замине во опозиција со оглед на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција, објави Алфа.

„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.

Во врска со тивкиот бојкот, Џафери се правдаше дека ниту Европскиот фронт, ниту ДУИ повикале граѓаните да не гласаат за претседателски избори. Изгледа Џафери заборави на видеото кое го објави Груби, кој дрско и со насмевка се снимаше каде става гласачко ливче само во кутијата за парламентарни избори. На прашањето, како може министер во владата да го направи тоа и покрај одговорноста која ја носи функцијата, рече дека Груби ниту бил влада, ниту партија – со други зборови, можел да прави што сака.

По повеќе од две децении ДУИ заминуваат во опозиција. Нивната коалиција на изборите освои 19 пратеника, но фаворит за коалиционен партнер во владата на идниот мандатар Христијан Мицкоски се „Вреди“ кои освоија 13 пратенички мандати.

 

Текстот во целост: Алфа.