Гром удри во авионот со кој летаа одбојкарите, принудно слетал во Цирих, одбојкарите се добро

Одбојкарската репрезентација на Македонија со години наназад го има прекарот „Спартанци“, нашите асови минаа најразлични авантури во изминатата деценија, но денешната случка ги надмина и најголемите проблеми со кои оваа национална селекција се соочуваше сиот овој период, објави порталот Екипа.мк

Имено, одбојкарите денеска се враќаа во нашата земја по настапот на Златната лига во Белгија, а летот од Цирих до Скопје неочекувано беше запрен по неверојатна случка – гром удри во авионот додека леташе.

Поради ова, пилотот реши веднаш да се врати назад во Цирих каде принудно слета, за среќа без посериозни проблеми. Нашите одбојкари веќе се сместени во хотел и утре наутро со нов лет ќе тргнат кон Скопје.

„Навистина неверојатна ситуација, додека летавме со авионот удри гром во него и пилотот реши да се врати во Цирих. Не беше пријатно кога слушнавме што се случи, видовме силна светлина во непосредна близина“, вели за ЕКИПА капитенот Никола Ѓоргиев.

Потсетувањето на бројните случки и проблеми во патувањата од пред десетина години донесоа и експресен одговор од најдобриот македонски одбојкар.

„Се за Македонија. Така било, така и ќе биде. Ние не се откажуваме, ништо не може да ја запре оваа наша репрезентација“, порачува Ѓоргиев.

 

netpress.mk