На денешен ден во Влахи, Пиринска Македонија е роден револуционерот Јане Сандански, познат и како Пиринскиот цар

0
116

Пиринскиот цар, како што бил нарекуван Јане Сандански, еден од најголемите македонски синови, е роден на денешен ден 31 мај 1872 година во мелничкото село Влахи во Пиринска Македонија. Лозата му е револуционерна.

Татко му Иван Сандански бил знаменосец на чета во Кресненското (Македонското) востание од 1878 година, кога Јане имал само 6 години, а во Влахи бил и главниот штаб на востанието. Бидејќи по востанието селото било опожарено од Турците, семејството на Сандански се сели во Дупница во Бугарија.

Благодарение на руската помош во 1878 година Бугарија била ослободена од Турците и се формирала во млада држава, односно кнежество. Затоа подоцна многу македонски револуционери, војувајќи против Турците, времено се засолнувале на бугарска територија.

Во 1897 година во Дупница, Сандански станува член на друштвото Младост, потоа и негов претседател, а целта како што ќе нагласи Сандански била „самообразование и групирање“. Уште како гимназијалец Сандански читал револуционерна литература, а негов најголем интерес биле историјата и општеството.

Влегување во ВМРО

Во 1899 година Јане првпат се сретнал со Никола Малешевски и со Гоце Делчев, а набргу потоа и со Ѓорче Петров. Тие детално го запознавале со програмата и идеологијата на ВМРО, која набргу ќе стане светост за Сандански.

Како што подоцна и сам ќе каже: „Во тоа време веќе работите во Македонија ми беа прилично ујаснети, многу работи узнав од Малешевски, а од друга страна и од Делчев, со кого за првпат се сретнав во 1899 година. Делчев убаво ми ги објасни целите на внатрешната организација…“

Во 1901 година Сандански ја започнува својата борба за слобода на Македонија. Македонските чети во тој период имале голем проблем со оружје и муниција.

Размислувајќи како да го реши проблемот, Сандански најпрво предложил тој со своите комити да го киднапира бугарскиот кнез Фердинанд (тогашниот владетел на Бугарија, кој подоцна станал и цар на Бугарија) кога овој требало да дојде во посета на Рилскиот манастир.

Но Гоце Делчев веднаш се изјаснил против таа идеја, која му се видела опасна, затоа што Македонците освен турската, против себе ќе ја имале и целата бугарска војска, доколку го киднапираат владетелот на Бугарија.

Затоа Сандански и неговите приврзаници решиле да го киднапираат Турчинот Сулејман бег од Горна Џумаја (денешен Благоевград) и да бараат од Турците откуп за него. Но, и оваа акција била откажана заради болест на бегот.

Наредната опција на Јане била да го киднапира протестантскиот мисионер во Солун д-р Хаус. Но, Хаус го одложува своето патување, и наместо него ја праќа американската мисионерка Елен Стон, која во Банско (Пиринска Македонија) станува непланиран заробеник на ВМРО.

Сандански со своите комити успева 6 месеци успешно да ги крие киднапираната Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка, и на крај да земе откуп за нив од 14.500 турски лири, со кои било купено оружје за организацијата.

 

 

denesen.mk