Милошоски распали за „писмото на опозиционерите“: Дали Курто, Селим, Мерко и Иџет ќе ја потпишат петицијата на ДУИ до Брисел?

Дали Курто, Селим, Мерко и Иџет ќе ја потпишат петицијата на ДУИ до Брисел?

Очигледно е дека ДУИ се уште не може да се помири со политичката реалност дека ќе оди во опозиција. Дел од владините функционери од ДУИ, плашејќи се од одговорност пред законите, не сакаат да прифатат дека во Македонија и без нив може да се формира влада поддржана од стабилно мнозинство од најмалку 78 пратеници и со легитимитет добиен од над 600.000 гласачи. И во знак на протест сега ќе потпишуваат петиција до ЕУ во која веројатно ќе доминираат фразите за тоа дека сите други политички чинители се лоши, а само ДУИ се оние најдобрите кои се залагаат за демократскиот легитимитет, за владеењето на правото, евро-атланските партнерства и стабилноста на државата – напиша утрово Антонио Милошоски, пратеник и претставник на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.

Тој нагласува дека „ДУИ има право да се лути, да кодоши и да пишува писма“, но исто така вели дека ќе биде навистина интересно да се види дали меѓу функционерите потписници на тоа писмо ќе бидат и:

– Курто Дудуш, и дали во писмото ќе има дел за информациите што обвинителот Ислам Абази ги знае за (не)законските постапки од областа на урбанизмот во општината Шуто Оризари.

– Селим Адеми, и дали до неговиот потпис ќе стои упатство за уникатната примена на правото во Републичкиот судски совет за незаконито менување на претседател.

– Рамиз Мерко, со потпис и објаснување за процесот на ветинг во корелација со црните листи на стратешките партнери и

– Иџет Мемети, со потпис и експликација колку стабилна и приходна може да биде меѓуетничката соработка во правосудството на еден “про-европски” тандем, особено ако едниот е обвинител, а другиот Врховен судија.

И сигурно нема да се пропушти на оваа петиција да И се закачи “европското знаменце” што ДУИ 100 пати го злоупотреби во Собранието, за да може истото да биде разгледано по скратена постапка во Брисел, Анкара, Софија, Вашингтон и Лондон – потенцира Милошоски.