Четири лица загинале, а 23 се повредени во сударот на товарен и патнички воз во Пардубице, Чешка, доцна во вечерните часови на 5 јуни, јавуваат чешките медиуми.
Брзиот воз од Прага до Кошице, Словачка, со околу 200 патници, се судрил со товарен воз во Пардубице, на околу 100 километри источно од главниот град на Чешка.
Портпаролката на локалните спасувачки служби за чешката телевизија изјави дека има и тешко повредени.
Како што соопштија од железничката управа, возовите се судриле на новата станица Пардубице Центрум, а судирот го прекинал сообраќајот на коридорот кон Моравија, се наведува на веб-страницата на Чешката железница.
Според објавените фотографии и видеа, возовите директно се судриле, при што најмалку еден патнички вагон излетал од шините и делумно се превртел.
Министерот за внатрешни работи Вит Ракушан и министерот за транспорт Мартин Купка веднаш пристигнале на местото на несреќата.
Ракушан изјавил дека брзиот патнички воз е на приватната компанија RegioJet. Тој додаде дека никој од повредените не е во животна опасност.
Министерот за транспорт Мартин Купка рече дека главната линија меѓу Прага и источниот дел на земјата мора да биде затворена додека властите го истражуваат судирот.
„Не можеме и нема да шпекулираме за причината за несреќата“, рече тој.
Државната железничка компанија Чешки железници соопшти дека пругата најверојатно ќе остане затворена најмалку 24 часа „поради обемот на несреќата“.
Премиерот Петр Фиала изјави дека судирот на два воза во Пардубице е голема несреќа.
„Сите ние мислиме на жртвите и на жртвите. Изразувам искрено сочувство до сите преживеани“, нашиша премиерот во објава на мрежата Х.