ВМРО-ДПМНЕ во недела ќе ги соопшти имињата на министрите

0
30

Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги прави последните подготовкипред седницата на Извршниот и на Централниот комитет во недела (16 јуни) кога се очекува да се обелоденат листите на кандидати за министри, но и новите кадровски решенија за останатите ешалони. Дел од коалициските партнери во новата влада веќе обелоденија дел од имињата на кандидатите коишто се во игра за министерски и директорски фотелји, додека мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува дека во недела би можело се да биде појасно околу нивните партиски адути.

„Официјалниот список на новата влада и програната за работа ќе биде доставен во вторник (18.06) во Собранието. Нашиот список ќе биде комплетен во недела и ќе биде претставен на седницита на Извршниот и на Централниот комитет во Скопје“, најави денеска Мицкоски пред состанокот на ЗЕЛС.

„Ставрески е врвен експерт“
Во јавноста веќе се појавија информации дека во игра за нови високи позиции се дури тројца од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ. Имињата на Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитриевска-Кочовска веќе се вртат во барабанот за потенцијални нови министри, а името на поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески се појави во комбинаторики за гувернерската позиција во Народна банка.

„Моето мислење за Ставрески е врвно, тој е исклучителен експерт, но таа тема воопшто не била на дневен ред и не била дискутирана“, порача Мицкоски.

Новата Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Вреди и ЗНАМ се очекува да биде формирана на 19 или 20 јуни. Изет Меџити од Вреди, деновиве обелодени дел од имињата на идните функционери од оваа коалиција. Меџити порача дека тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а градоначалникот на Општина Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари министер за здравство.

„Касами повторно ќе се врати на Тетово, за да го заокружи мандатот кој успешно го започна. Можам да потенцирам дека „Вреди“ ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт. Сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците на Таравари. За вицепремиерското место за евроинтеграции деновиве треба да одлучи Алтернатива. БЕСА треба да одлучува за министерските места за економија и социјална политика“, изјави Меџити за ТВ Алсат.

„Разговарав и барав поддршка и од СДСМ“
Мандатарот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека главна цел на владата ќе бидат реформите, со цел придвижување на работите во економијата, силен инвестициски циклус, подобрување на состојбите во здравството, образованието и земјоделството.

Во првите 100 дена од владата, вети исполнување на најважните приоритети. Првото ветување веќе започна да се реализира – а тоа е реорганизацијата на министерствата, што доби поддршка во Собранието. Иако за законските измени гласаа и пратеници од Европскиот фронт, Мицкоски е дециден дека ДУИ заминува во опозиција.

„Гласаа пратеници од ДУИ, но и од коалицијата „Европски фронт“ кои се дел од Турската демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници. Очекувавме да гласаат и пратениците кои се дел од коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица“, вели Мицкоски. Тој изјави дека цело време остварувал контакти со СДСМ и вратата, за да го поддржат овој закон, била постојано отворена.

Здравството еден од главните приоритети
Еден од главните приоритети, според Мицкоски ќе биде и решавањето на состојбите на Клиничкиот центар, каде веќе две недели се работи во отежнати услови. „Жалам што ова им се случува на македонските граѓани во 21 век, пациентите да ни умираат по ходници или да ни се случуваат инфекции коишто мислевме дека се минато. За ова ќе има голема одговорност“, изјави Мицкоски.

Мандатарот најави 400 до 450 милиони евра инвестиција за производство на електрична енергија од обновливи извори, „која ќе ја види јавноста на 25 јуни“.

Кратење на администрацијата
Мицкоски најави измени на законот со цел линеарно зголемување на пензиите, укинување на економските директори, замениците директори и на дел од институциите. Со тоа, според него, ќе се намалат над 10 проценти од вработените во јавната администрација.

„Само со укинувањето на економските директори, за стотина функционери ќе биде помала администрацијата“, вели Мицкоски. Со воведувањето на еден Клинички центар, според него, ќе има кратење на уште 50-тина функционерски места. Тој најави и намалување на пратениците во парламентот од 120 на 90, за што е потребно отварање на Уставот.

Извор: dw.com