Ослободен од обвинение полицаецот кој лани смртно ја застрела мигрантката Фатмата кај Гевгелија

0
30

Полицискиот службеник Игор Марков кој лани ја застрела мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, по што таа почина во болница во Гевгелија, денеска беше ослободен од обвинението. Како што соопшти судијата Ненад Савески во изрекувањето на пресудата, судските трошоци ќе паднат на товар на буџетските средства на државата.

Оштетените за своето имотно-правно побарување се упатуваат на спор.

Настанот се случи на 19 април 2023 година во раните утрински часови во близина на Гевгелија, кај местото викано „Стара касарна“. Според описот на обвинението, полицајците затекнале двајца криумчари и повеќе мигранти. Обвинетиот го извадил пиштолот и со викање ги предупредувал присутните да застанат. Еден од криумчарите пак му се свртел ненадејно и се обидел да му го земе пиштолот по што почнале да се борат.

„Испуканиот истрел ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи ѝ повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија“, стои во извештајот на Обвинителството.

Мигрантката Фатмата во моментот на пукањето била со нејзиниот сопруг Абу Бакар. Фатима ја минала грчката граница, откако земјата го одбила нејзиното барање за азил. Живеела во бегалски камп.

Бакар, кој тука води постапка за азил, како оштетен сведочеше на едно од рочиштата.