Осомничен за убиството на девојчето кај Бор се премисли, негира вина

0
24

Осомничениот за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, на истокот на Србија, беше сослушан на 11 јули во Вишото јавно обвинителство во Зајечар, кога негираше дека го сторил кривичното дело, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) до таа институција.

Претходно, на 4 јуни, второпријавениот ја негираше вината.

Двајца вработени во јавното претпријатие „Водовод“ од Бор се осомничени за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ.

Тие беа уапсени на почетокот на април, по што полицијата соопшти дека признале дека ја удриле девојката со автомобил, а потоа нејзиното тело го оставиле на депонијата.

Полицијата, сепак, се уште се трага по нејзиното тело. Данка Илиќ исчезнала на 26 март пред нејзината куќа во населбата Бањско Поље кај Бор.

Истиот ден започна потрагата по неа, во која учествуваа голем број припадници на полицијата, планинската спасувачка служба и граѓани.

Истрагата ја одбележаа бројни контроверзи.

Иако полицијата претходно соопшти дека осомничените го признале делото, од Вишото јавно обвинителство Зајечар во мај соопштија дека од службеното возило на ЈКП „Водовод“ кое полицијата се сомнева дека го управувале двајцата осомничени, биле подигнати над 500 траги.

„Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ, како во самиот автомобил, така и на надворешните делови на возилото“, соопштија од обвинителството.

Исто така, братот на еден од осомничените почина во притвор на 7 април. Тој беше задржан до 48 часа во полициската станица во Бор, поради постоење основи на сомнение дека му помогнал на својот брат по извршеното кривично дело.

Во полициското соопштение беше наведено дека се работи за природна смрт. Но, Институтот за судска медицина во Белград преку обдукција утврди дека Д.Д.(40) починал како последица на тепање, чии траги биле јасно видливи и детално опишани во вештачењето.

извор: slobodnaevropa.mk