Прв пат ја имам можноста да се обратам кон вас како Министер за финансии и тоа за најважниот документ кој што го изработува ова министерство Буџетот, односно во оваа ситуација Ребалансот на буџетот.
Најнапред сакам да информирам дека лошата состојба во буџетот ги надмина и нашите очекувања. Во овој краток период додека се подготвуваше ребалансот отворив многу прашања, но исто така добивав и многу непријатни изненадувања секојдневно.
Ветив дека секогаш ќе бидам искрена пред граѓаните, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Пред да ги посочам најважните работи од ребалансот сакам да кажам дека затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби, место креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт.
И тука најпрво би сакала пред да почнам да ги зборувам другите податоци, да упатам огромна благодарност до моите колеги од Министерството за финансии, посебно од мојот кабинет и од Секторот за буџети и фондови, бидејќи во овие денови макотрпно работеа ден и ноќ за да може да ги имаме најпрециозно сите податоци, за да не направиме оштетување, и притоа да внимаваме на граѓаните и бизнисот.
Најпрво ќе тргнам од макроекономските проекции и тоа раст на БДП за 2,1 проценти односно негово ревидирање надолу од првично планираниот 3,4%. Остварувањата во првиот квартал од 2024 како и одредени статистички индикатори за вториот квартал јасно покажуваат дека првично проектираниот БДП е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5% додека пак растот на нето платата е предвиден на 13%.
Во првиот квартал од 2024 година економската активност забележа реален раст од 1,2 проценти со што продолжи динамиката од претходните квартали, која резултираше со низок просечен раст од 1 процент во 2023 година.
Индустрискиот сектор забележа пад од 1,2 проценти во првиот квартал од 2024 година. Градежната активност забележа пад од 2,5 проценти. Земјоделскиот сектор регистрира двоцифрен пад од 19,7 проценти по падот од 15,3 во претходниот квартал со што продолжуваат негативните остварувања во овој сектор. Исто така нето извозот бележи негативен придонес врз економскиот раст во првиот квартал од 2024 година. Согласно месечните податоци за надворешно трговска размена во мај извозот на стоки бележи пад од фрапантни 21,6 проценти. По слабото остварување во 2023 година во однос на очекуваните податоци за економските движења во првата половина од 2024 година, како и понеповолното меѓународното опкружување условија надолна ревизија на очекувањето за раст на домашната економија годинава, кој е проектиран на ниво од 2,1 процент, наспроти како што спомнав 3,4 проценти колку што беше планирано.
Притоа растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 проценти, додека растот на нето платата на 13 проценти. Во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.
При подготовка на ребалансот се тргна од неколку претпоставки т.е колку средства можат да се прераспределат во веќе постоечкиот буџет од ставки кои бележат слаба реализација, планирање на средства кои иако имало законска обврска не биле предвидени како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот.
Врз основа на направената прераспределба обезбедивме околу 20 милијарди денари, дополнително уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на доспеаните обврски кои биле законски, а не биле планирани. Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари.
Вкупните приходи во буџетот се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари. Ова зголемување е резултат на повисоко остварување на придонесите а се темели на зголемување на платите во дел од јавните институции како и очекувањата за раст на платите во приватниот сектор. Исто така планирано е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки.
Расходите се планирани во износ од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна имаме зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.
При тоа со ребалансот се обезбедени:
4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите имаше планирано плати само за до месец јуни. Евидентирани се сериозни проблеми во овој дел кои се резултат на индивидуалниот пристап на претходната влада за платите. Затоа сето ова ќе бара темелна анализа и носење сериозни одлуки.
5 милијарди денари за пензиите. Тука морам да напоменам дека планираните средства за 2024 би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари. На овој начин нереално е прикажан помал буџетски дефицит за 2023 година во износ од скоро 7 милијарди денари, и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст.
Обезбедивме средства и за гаранции, односно со ребалансот обезбедивме 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Имено ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно закон Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата во нивно име. Последиците од крајно расипничкото работење во овие претпријатија повторно паѓаат на терет на граѓаните. Како и да е за истото треба да има одговорност.
600 милиони денари обезбедивме за исплата по судски решенија. Штетите кои ги трпи буџетот по однос на извршни исправи е огромна. Имено само за 2023 година исплатени се 1 милијарда 671 милион денари. Станува збор за различни предмети пред се од повреди на законот за работни односи односно префрлање на вработени од едно на друго место кои тужеле и добиле. Понатаму извршни исправи кои се исплаќаат за изгубени предмети на Судот за човекови права. Побарав дополнителна анализа во изминативе денови која покажа дека предметите ги губиме заради грешки на судии од недонесување на судска пресуда во рок и слично. Само за 2024 година се исплатени 3 милиони евра по овој основ.
Зголемување на каматите за 822 милиони денари поради раст на дел од каматите врзани со еурибор. Воедно повторно морам да напоменам дека во следните 4 години односно 2024-2028 година вкупниот долг или отплата кој што треба да ја направиме само по основ на каматите е 1 милијарда и 800 милиони евра.
Обезбедивме 1 милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, која што претходната влада ја знаела, но не ја обезбедила во буџетот.
322 милиони денари за Државна изборна комисија кои не беа испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик а за кои постои законска обврска.
644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии, исто така законска обврска која не била предвидена.
6 милијарди денари за проекти за капитални инвестиции во општините
132 милиони денари исплата кон фондовите на ЕУ поради констатирана злоупотреба на средства од страна на ОЛАФ во националната агенција за мобилност Еразмус.
143 милиони денари за закупнини во ДКП
150 милиони денари за МРТВ законска обврска која не била предвидена
Транзициски трошоци втор столб 400 милиони денари
Здравствено осигурување за пензионери 879 милиони денари
1 милијарда и 700 милиони денари за ФЗОМ за исплата на доспеани обврски и боледувања
Субвенции за земјоделие во износ од 1 милијарда и 7 милиони денари кои се доспеани. На овој начин после долги години земјоделците ќе ги добиваат субвенциите навреме.
550 милиони денари за ваучери во спортот кои се законска обврска а не биле воопшто планирани.
80 милиони денари за Биро за развој на образование односно за учебници
За мој ДДВ обезбедени се 1 милијарда денари кои не беа обезбедени во постоечкиот буџет.
Почитувани,
Токму со овој ребаланс новата влада ќе ја подобри состојбата на огромен број на граѓани и бизнис заедницата вклучително земјоделци, млади, стари, спортисти и други.
Згора на сето ова за мене несфатливо е дека на сопствени сметки дел од институциите имаат скоро 14 милијарди денари, тоа се повеќе од 200 милиони евра. Секоја институција треба да разбере дека обавува јавна дејност, троши народни пари и од таа причина треба да настапува домаќински. Тоа значи дека овие средства треба да ги користат со цел да го намалат оптоварувањето на буџетот. Имено за овие средства се земаат кредити за кои годишната камата е скоро 13 милиони евра.
Сметам дека секоја институција треба да си ги провери своите закони согласно кои располага со сопствени сметки и истите да ги користи за тековни расходи или капитални расходи со цел да се намали оптоварувањето на буџетот. Во овој момент тие пари стојат на сметки без никаков позитивен ефект напротив само трошоци креираат. Мора да разбереме дека сите треба да работиме во интерес на граѓаните бидејќи станува збор за народни пари.
И покрај сите овие предизвици во ребалансот, убедена сум дека Буџетот за 2025 година ќе донесе нова надеж многу подобро и подомаќинско планирање и конечно реализирање на проекти кои ќе имаат додадена вредност на целата економија преку кои граѓаните и бизнис заедницата ќе почувствуваат позитивни ефекти и подобар животен стандард.
Изменувањето и дополнувањето на Буџетот во 2024 година е насочено кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирањето на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски како и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.
За таа цел за време на вчерашната седница на Владата предложив неколку заклучоци кои беа усвоени, а со кои, се задолжуваат буџетските корисници и единките при склучување на Колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.
Се задолжуваат јавните претпријатија и Акционерските друштва во државна сопственост при склучување на Колективните договори претходно да побараат мислење од Министерството за финансии. При имплементација на Буџетот, буџетските корисници да не преземаат обврски над обезбедените средства со буџетот за соодветната фискална година.
Оние буџетски корисници кои остваруваат само финансирачки активности и имаат неискористени средства во форма на салдо на сметки, тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да се финансира со користење на средства од сопствените сметки. Дополнително се задолжуваат буџетските корисници континуирано да ги спроведуваат активностите за наплата на сопствените приходи. Сите субјекти согласно ЕСПЕО да ги почитуваат обврските за навремено пријавување на доспеани, а не платени обврски согласно законските рокови, бидејќи тука констатиравме многу пропусти изминатиот период.
На општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост им се препорачува да ги консолидираат финансиите, односно да преземат активности за наплата на сопствените приходи како и да ги намалат непродуктивните трошења, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Министерката додаве:
Исто така работодавачите од јавниот сектор да преземат итни активности за спроведување на функционална анализа и за истото да ја информираат Владата.
Сите буџетски корисници да преземат итни активности во рамки на своите институции, единки корисници во насока на спроведување на вонредни ревизии за утврдување на наменското трошење на финансиските средства на Буџетот, најдоцна во рок од 30 дена до Владата да достават повратна информација.
И последно, се задолжуваат Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за одбрана да достават распределба на наменски блок дотации по општини.