Македонија од денеска е претседавач со ОБСЕ

0
142

Македонија од денеска е земја претседавач со ОБСЕ – најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на организацијата. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со најголемиот предизвик – воениот конфликт во Украина..

Токму конфликтот во Украина и намалување на далекусежните последиците од кризата ќе заземат централно место во агендата на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи”, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Обврските за претседавањето за земјава формално започнаа со станувањето дел на тројката претседавачи на ОБСЕ заедно со Шведска, која улогата на претседавач ја вршеше во 2021 година и минатогодишниот претседавач Полска. Министерот Османи како еден од најважните приоритети и во 2022 година ја посочи токму нашата подготовка за претседавање со ОБСЕ и активната улога на земјата како дел од тројката.

„Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година. Од 1 јануари ние сме претседавач на најголемата регионална безбедносна организација во светот. Единствена безбедносна организација во која се и САД и Русија и која веројатно ќе има нова улога во новата безбедносна архитектура ако се најде решение по однос на агресијата во Украина“, оцени на годишната средба со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

mkd.mk