Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Обединетата македонска дијаспора

0
53

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги примила Мето Колоски и Гордан Јорданов од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и на средбата со нив била информирана за тековните проекти и планирани активности на ОМД.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, биле разменети мислења за Националната стратегија за соработка со дијаспората, за актуелните политички состојби во САД и Европа, како и за промените во демографијата на дијаспората.

Потенцирајќи дека ОМД претставува глобален глас на македонските иселеници во САД, Канада, Европа и Австралија, претседателката изрази поддршка на нејзините иницијативи и севкупниот придонес за меѓународна афирмација на земјата и промовирање на македонските вредности, идентитет и култура.Во таа насока, таа се заблагодари за конструктивноста на ОМД, поддршката во застапување на македонските интереси и исполнување на стратешките цели на државата, како и за нивната улога во унапредување на билатералните односи со земјите во кои дејствуваат, информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

На средбата претседателката ги истакнала нејзините заложби за унапредување на соработката со ОМД, продлабочување на врските со иселениците, искористување на потенцијалите и јакнење на нивната улога во развојот и просперитетот на земјата.

Посочувајќи дека македонската дијаспора е столб на татковината, дипломатски ресурс и нашата економска состојба е директно поврзана со активностите на дијаспората, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека е неопходна активна и продуктивна соработка со македонските иселеници и изнаоѓање модел и посебни услови со кои ќе се овозможат нивни инвестиции, како и пренос на знаење и вештини во земјава, се наведува во соопштението.