80-годишни маж и жена имаат згрижено над 150 деца за 46 години

Маргарет и Роберт Исдејл поседуваат навистина големи срца полни со многу љубов.

80-годишните маж и жена од Линколншир, Англија, имаат згрижено над 150 деца во нивниот семеен дом и велат дека го сакале секое од нив.

Првото детенце го згрижиле во нивниот дом во 1978 година, а моментално, растат 10-месечно бебенце.

Кога била запрашана како сè уште може да се грижи за новороденчиња, Маргарет рекла: „Не знам. Едноставно уживаме и не можам да си замислам да не го правиме ова.“

Маргарет и Роберт се во брак 58 години и заедно имаат две биолошки деца. Тие неодамна добија награда од нивната општина за посветеноста и грижата за дечињата.

Мишел Шоумајден, вработена во центарот за социјална грижа во Линколншир, изјавила дека неверојатен е придонесот на Маргарет и Роберт кон згрижувачкиот систем.

„Нивната посветеност на згрижувачкиот систем низ овие 46 години беше апсолутно неверојатна. Разликата која тие ја направија во животите на децата е фантастична. Многу од тие деца се вратија кај нивните родни семејства или беа посвоени“ – рекла Мишел.

Добродушните партнери се имаат грижено и за многу дечиња со здравствени проблеми и потешкотии во развојот.

Таква е приказната за Ким, девојче со Даунов синдром и срцево заболување, кое тие го посвоија. Кога се родила Ким, докторите прогнозирале дека ќе живее само девет месеци, но со љубовта на Маргарет и Роберт, таа живееше 21 година.

Ким почина во 2005 година.

„Таа нè научи многу нешта. Беше прекрасна, имаше добра смисла за хумор и доаѓаше секаде со нас“ – рекла Маргарет за Ким.

Брачната двојка нема намера да се откаже од згрижувањето на дечиња кои имаат потреба од љубов и посветено семејство.

 

femina.mk