Две деца исчезнаа во Грција, биле киднапирани од нивната мајка – активиран е и „Амбер Алерт“

0
96

Грчката полиција трага по две деца кои биле пријавени за исчезнати уште на 13-ти јули на островот Родос. Како што пишуваат грчките медиуми, тие биле киднапирани од нивната мајка и речиси еден месец од нив нема ниту трага ниту глас. Во Грција е активиран и „Амбер Алерт“ со цел да се пронајдат децата, за кои се верува дека се во опасност, пишуваат грчките медиуми.

Мајката ги земала синот Јоанис Рафаел Апостолакис (8) и ќерката Ирини Агапи Апостолакис (6) и исчезнала во непознат правец, а полицијата бара секој кој ги видел децата или има некаква информација да ја извести најблиската полициска станица.

Јоанис има кафеави очи и кафеава коса, висок е 130 сантиметри и со нормална тежина. Не е познато што носел на себе во моментот на неговото исчезнување.

Ирини има исто така кафеави очи и кафеава коса, висока е 115 сантиметри. Исто така, не е познато што носела во моментот на исчезнувањето.

Секој со каква било информација се замолува да се обрати на „Детска насмевка“ на 24-часовните телефонски броеви и на „Европската линија за исчезнати“.

Системот „Амбер Алерт“ во САД функционира од 1996 година, по исчезнувањето на деветгодишното девојче Амбер Хагерман од Тексас, која била киднапирана додека возела велосипед, а потоа и убиена. Телото на Амбер, фрлено во поток, на околу десетина километри од паркингот каде била киднапирана го нашол случаен минувач пет дена по киднапирањето. Во Македонија пак, во овој момент го има системот за исчезнати деца во форма на веб страница „Најди ме“ и соработуваат со Министерството за внатрешни работи и ресорите образование и наука, како и труд и социјална политика.