Татко и два сина осомничени за намерно предизвикување пожар кај Патишка Река

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица – татко и неговите два сина, за кои постои сомнение дека заедно сториле кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Тројцата соизвршители, со намера да предизвикаат општа опасност за животот и телото на луѓето или за имот од големи размери, на 9 август предизвикале пожар, полевајќи со запалива течност шумско земјиште покрај локален пат на местото викано Дупки, кај Патишка Река.

Со запалка запалиле нискостеблеста шума и суви треви. Опожареното земјиште е во државна сопственост, а постоела опасност пожарот да се прошири на поголемо подрачје нискостеблеста и високостеблеста шума, па дури и да зафати дел од Националниот парк “Јасен”.

Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец, а полициски службеници ги затекнале и кај нив пронашле повеќе литри од запаливата течност која ја користеле за предизвикување на пожарот. Противпожарни екипи интервенирале за да го изгасат пожарот.

Бидејќи делото се гони во скратена постапка, по предлог на јавниот обвинител, Основниот кривичен суд Скопје на тројцата осомничени им определи притвор во траење од по 8 дена.

извор: Обинителство