Две прослави и мноштво очекувања од Рамковниот договор

Со две одделни прослави во Скопје, Владата и Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, ја одбележаа 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница на Владата рече дека 23 години се доволна временска дистанца на работите да се погледне со доза на објективност и да се говори за придонесот на овој договор, но и предизвиците кои стојат пред земјата. Мицкоски вели дека треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но го донесе мирот.

„Од овој аспект мора да се разбере дека ова е една заедничка татковина за сите и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права, но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и на што мора да работиме се реалните проблеми на нашите сограѓани“, порача Мицкоски.