Чувајќи го дарот на водата: Вселенскиот Патријарх со порака за основниот животен ресурс

0
49

Сечесни јерарси,Почитувани учесници и гости,

Чест и задоволство ми е да се обратам на ова отварање на шестиот Самит на Халки, посветен оваа година на темата за водата во нејзините духовни и научни димензии. Со татковска радост и задоволство ве пречекуваме во Фанар, свештеното Седиште на Православната Црква, кое иницираше сеопфатен и инспиративен серијал на настани, со цел да се подигне свеста и да се пренесе знаењето за зачувувањето и заштитата на уникатниот дар на Божјото создание. Сите вие носите специфични и посебни таланти во оваа насока, и нашите искрени надеж и молитва се дека овој самит ќе создаде нови пријателства и односи, додека ги проширува и продлабочува непроценливите вмрежувања во свет кој има потреба од вакви средби и односи.

Како што знаете, ангажманот на Вселенската Патријаршија во грижата и молитвата за природната околина датира од 1989 година, кога нашиот покоен претходник, Вселенскиот Патријарх Димитриј, го утврди 1 септември, Денот на Индиктот, како званичен ден на молитва и посредување за Божјото создание. Оттогаш, сите Православни Цркви, а потоа и други христијански конфесии – како и Светскиот совет на цркви и Конференцијата на европските цркви, а во поново време и Англиканската заедница и Римокатоличката црква – ја прифатија оваа универзална прослава и одбележување.

Оттогаш, еколошките иницијативи на Вселенската Патријаршија вклучуваат настани со покојниот Принц Филип, Војводата од Единбург, и особено серија на пет меѓуправославни летни семинари, девет интердисциплинарни Еколошки Симпозиуми на море, и сега шест меѓународни Самити на Халки. Така, сите вие сте дел од долг наследен ред посветени собири, кои собрале безброј религиозни, цивилни и политички лидери, теолози и научници, новинари и активисти, жени и мажи, кои се собрале од сите делови на светот: од реката Амазон и Јадранското Море, до Арктичкиот Океан и Црното Море, како и од Балтичкото до Средоземното Море. Денес, Halki Summit VI ја унапредува оваа непроценлива и инклузивна традиција.

Нашите почитувани говорници ќе се осврнат на широк спектар на теолошки и научни аспекти на водата. Ќе слушнете за значењето и светоста на водата во класична Грција, во Светите Писма и во литургиските служби. Ќе дознаете за духовните и образовните димензии на водата, како и за водата во поновата историја, за одржливиот развој и решенијата за управување. И ќе бидете информирани за специфични одговори на прашања поврзани со водата во Грција и Холандија. Преку сето тоа, ве охрабруваме да барате начини за соработка и партнерства. Ова е токму она што стои зад нашето драгоцено заедничко спонзорство и соработка со Хеленскиот отворен универзитет оваа година, за кое сме благодарни на неговиот претседател, проф. Јоанис Калаврузиотис.

 

ВОДАТА ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО И ВИЗАНТИЈА

 

Драги пријатели,

Водата отсекогаш била нешто повеќе од само физичка потреба. Таа е длабоко вкоренета во духовната и во религиозната свест на човештвото. Низ различни култури и религии, водата се перципира како симбол на животот. Во Христијанството, таа значи прочистување, препородување и иницијација. Крштението на Христос во реката Јордан го означува почетокот на Неговото служење и благословувањето на целата вселена. Во јудаизмот, водата е централна за празниците и законите. А во исламот, водата се смета за дар од божеството и знак на издржливост. Ритуалите на миење се основни во сите овие три Авраамски религии. Дополнително, како што често сме нагласувале, но особено го подвлековме за време на нашиот симпозиум за Амазон во 2006 година, автохтоните и племенските религии ширум светот ги сметаат водните тела како реките, езерата и изворите за населени со духови или божества.

Меѓутоа, да се фокусираме тука на перцепцијата на водата во Христијанството и во Византија. Веќе спомнавме дека водата се наоѓа во срцето на Таинството на Крштението, кое симболизира измивање на Стариот Адам и повторно раѓање во Новиот Адам. Во своите посланија Апостол Павле понатаму ја разработува важноста на крштението, кога пишува во Римјаните, глава 6: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот“. (стихови 3 и 4). Тука Св. Павле ја истакнува преобразувачката моќ на Крштението. Корените на ова убедување лежат во Книгата Левит во Стариот Завет, каде што водата се користи во ритуалите на чистење за оние кои бараат духовна чистота. За нас, секако, Христос Самиот е „живата вода“ и „кој пие од оваа вода никогаш нема да ожедни. Навистина, оваа вода ќе стане извор на вода за вечен живот“ (Јован 4:14). Покрај тоа, водата игра клучна улога во неколку чуда на Христос, пред сè во првото Негово јавно чудо, имено претворањето на водата во вино на свадбата во Кана (Јован 2:1-11), што го претскажува преобразувачкото служење на Христос преку Евхаристијата. Дури и во последната Книга на Библијата, Книгата Откровение, водата има витално значење во видението за Реката на Животот, која го прикажува конечното исполнување на Божјото ветување за спасение на целиот свет: „И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и на Агнецот. Среде главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“. (Откр. 22:1-2).

Затоа, не е чудно што водата била од суштинска вредност во верскиот, уметничкиот и културниот идентитет на Византија. Освен важноста на Крштението, заедно со религиозните прикази на Христовото Крштение во фреските и мозаиците, сите кои ја засилуваат свештената природа на водата, Византија (и особено нејзиниот главен град Константинопол) била позната по своето напредно инженерство во менаџирањето со водата. Градот бил опремен со софистицирани аквадукти, цистерни и јавни фонтани, што ја покажувало способноста на Византијците ефикасно и праведно да ја користат водата. Еден од најзабележителните примери е Царската цистерна, огромен подземен резервоар изграден во 6. век за време на владеењето на царот Јустинијан I. Архитектонската генијалност на цистерната, со нејзината шума од мермерни столбови, не само што служела за практични потреби, туку исто така, ги одразувала естетските и културните вредности на времето. Ќе имате можност лично да видите многу од преживеаните остатоци на ова наследство додека патувате низ градот. Но, водата имала истакнато место и во византиската литература и поезија, каде што водата често се користела како метафора за живот, чистота и божественост. Византиските химнографи често се осврнуваат на водата, црпејќи инспирација од нејзините библиски конотации и од нејзината важност во таинствата. Во византиската иконографија водата, исто така, симболизира и живот и смрт, често прикажувана како животворна граница помеѓу земното и божественото, на пример во приказите на Страшниот суд.

 

МОДЕРНАТА ВОДНА КРИЗА

 

Возљубени учесници и гости,

Додека се потсетуваме на свештените и историските перспективи на водата, мораме исто така, да се соочиме – всушност, би требало поради итноста на кризата – со современиот предизвик на водата со кој се среќаваме денес во светот. Водата буквално стана критичен ресурс во нашето време. Препознаваме дека водата е есенцијална за животот, обезбедувајќи здравје, безбедност на храната, економски просперитет и одржливост на животната средина. Сепак, и покрај оваа фундаментална и витална важност, сега се соочуваме со ескалирачка глобална водна криза која бара итно внимание и колективен пристап. Глобално, повеќе од две милијарди луѓе немаат пристап до безбедна вода за пиење и повеќе од четири милијарди редовно доживуваат сериозна оскудица на вода. Податоците се застрашувачки и ја нагласуваат итната потреба да се адресира праведниот пристап до вода, квалитетот на водата и одржливоста на водата. Покрај тоа, оскудицата на чиста вода непропорционално ги погодува ранливите популации, дополнително влошувајќи ја нееднаквоста и оневозможувајќи избалансиран развој.

Во исто време, климатските промени ја интензивираат водната криза со промена на моделите на врнежи, зголемување на фреквенцијата и на сериозноста на сушите и поплавите, додека истовремено го забрзуваат топењето на глечерите. Овие промени ја нарушуваат достапноста и распределбата на ресурсите на свежа вода, заканувајќи им се на екосистемите и на човечките заедници. На пример, топењето на глечерите го намалува снабдувањето со вода за милиони луѓе кои се потпираат на топењето на глечерите за пиење вода и земјоделство. Покрај ова, земјоделството зазема приближно 70 проценти од глобалното користење на свежа вода. Сепак, како што глобалната популација продолжува да расте, побарувачката за храна – и, следствено, за вода – драстично ќе се зголеми. Ефикасните практики за управување со водата и одржливите земјоделски техники се клучни за обезбедување на безбедноста на храната без да се исцрпуваат нашите ресурси на свежа вода. И постојат многу други колатерални штети предизвикани од брзата урбанизација и индустријализација, кои дополнително ги оптоваруваат водните ресурси. Градовите ширум светот се шират, а со овој раст доаѓа и зголемена побарувачка за вода за домашна, индустриска и инфраструктурна употреба. Многу урбани области се борат со стареење на водната инфраструктура, што доведува до значителна загуба на вода и контаминација. Решавањето на овие предизвици бара значителни инвестиции во водната инфраструктура и иновативни практики за менаџирање.

Конечно, секојдневно ги гледаме последиците од водната криза врз здравјето на нашата планета, како и врз благосостојбата на нашите сограѓани. Загадувањето на водата е главна закана за човечкото здравје и за екосистемите. Индустриските испуштања, земјоделскиот отпад и нечистата канализација ги контаминираат водните тела, правејќи ги небезбедни за консумирање и штетни за водниот живот. Контаминираната вода е плодна почва за болести, придонесувајќи за смртта на милиони луѓе секоја година, особено на деца. Обезбедувањето пристап до чиста вода и санитарни услови не е само прашање на инфраструктура, туку и на јавно здравје. Во исто време, водната оскудица и лошиот квалитет на водата имаат длабоки економски импликации. Индустриите кои зависат од вода, како што се земјоделството, производството на енергија и производството, се соочуваат со нарушувања кои можат да доведат до економски загуби и губење на работни места. Покрај тоа, заедниците без сигурен пристап до вода доживуваат намалена продуктивност и зголемени здравствени трошоци, што ги одржува циклусите на сиромаштија.

ЗАКЛУЧОК

 

Ова се темите кои ќе ги разгледувате оваа година на Самитот во Халки. Долго време ја истакнуваме водата како централна точка во климатската криза. Ова не ни малку безначајно, токму поради непосредните и јасни врски и последици помеѓу нашето човечко тело, телото на нашата планета и Телото на Христос.

Без разлика дали ќе зборувате за свештеноста на водата или за одржливоста на водата; без разлика дали ќе зборувате за исцелување преку вода или за ефикасност преку управување со водата; без разлика дали ќе ја нагласите димензијата на небесното царство или инвестицијата во земната инфраструктура; без разлика дали ќе дискутирате за спасение или зачувување, молитва или заштита на водата; на крајот, си спомнувате и се потсетувате едни со други дека водата е ургентен ресурс кој бара наше непосредно и постојано внимание. Само со колективна акција и иновативни решенија ќе ги решиме предизвиците на почитување на водата како суштински елемент на животот на земјата и спасението на небото. Заедно, можеме да го заштитиме и зачуваме овој драгоцен ресурс за сегашните и за идните поколенија.

Ви благодарам за вниманието. Нека Бог ги благослови вашите согледувања. Ви посакувам пријатна посета на Фанар и на Халки.

 

Бигорски манастир