22 567 работници земаат минимална плата, според податоците на Државниот завод за статистика

0
50

Последните податоци на Државниот завод за статистика за републичката нето-просечна плата за јуни велат дека таа изнесува 41.939 денари. За многумина оваа плата сè уште е недостижна.

За да ја отслика состојбата со плати во државата, Сојузот на синдикати побарал податоци за структура на платите од Управата за јавни приходи. Пресметката што ја добиле е направена пред да биде објавен јунскиот републички просек, односно со мајскиот просек од 41.252 денари, а со јунските пресметки плати предадени во УЈП. Според податоците, две третини од вработените земаат плата меѓу минималната и просечната, а минимална или поголема земаат 28 отсто од вработените.

– Плата од еден денар до 22.567 денари, колку што е минималната плата, земаат 9.148 вработени – изјави Слободен Трендафилов и ги повика институциите да ги истражат случаите затоа што се знае кои фирми го прават ова.

Минимална плата, според добиените податоци од УЈП, земаат точно 22.567 работници. Синдикатот бара таа да биде 450 евра, а владата вели дека пари нема во Буџетот, затоа што тоа подразбира и зголемување на платите на администрацијата.

Сепак, најголемиот дел од граѓаните во Македонија се во групата над минималната плата, односно од 22.568 денари до просечната плата од 41.251 денар. Во тој распон плата земаат дури 341.021 вработени од вкупно 510.899 вработени.

Со просечните 41.252 денари и со натпросечна плата во јуни во државава биле 137.843 вработени. Добрата вест е што податоците покажуваат зголемување на нивниот број и тоа за 9.627 вработени во однос на март кога со овие повисоки плати биле 128.216 вработни. Истовремено се намалил бројот на вработени што не земаат ни минимална плата од 13.698 во март на 9.148 во мај, како и на оние што земаат минимална плата од 26.899 на 22.387 лица.
Лошата вест е, пак, што се намалува бројот на вработени. Во март имало 520.039 вработени, а во јуни 510.899. Истовремено, се намалува и бројот на правни субјекти што ги вработуваат овие граѓани – од 63.075 во март на 57.488 во јуни.

 

denesn.mk