Вработените во УЈП треба да вратат 18 милиони денари поради незаконски прераспределувања

Вкупно 129 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) ќе треба да враќаат пари, зашто од 12 февруари годинава со незаконски склучени договори земале поголема плата. Тие биле административни службеници, но во текот на изборниот процес потпишале договори со кои станале даночни службеници.

Одлуката за потпишувањето на договорите била колективна и незаконска, констатирал Државниот инспекторат за труд (ДИТ) кој извршил проверки откако е назначена новата директорка на УЈП Елена Петрова. ДИТ поради тоа и наложил на Петрова да ги поништи тие договори на овие 129 вработени. Финансиската штета од целата оваа ситуација изнесува околу 18 милиони денари.

Како што информира Петрова на брифинг со новинарите, УЈП во моментов бара најсоодветно решение за 129-те вработени кои денеска треба да потпишат нови договори за даночни службеници. Една од опциите е дури и потпишување нов колективен договор или анекс на веќе постојниот, за што се разговарало и со синдикалните здруженија. УЈП, нагласи директорката, чека и одговор од ДИТ за „најбезболно“ да се реши настанатиот проблем за кој, потенцира, вработените не се воопшто виновни. Намерата, рече, веројатно била добра, да имаат повисоки плати, но изгубила смисла поради незаконитост. Со новите договори, пак, што ќе бидат потпишани, секој од овие 129 вработени ќе добие плата според работното место.

Како што подвлече Петрова, вработените практично ќе добијат решенија за даночни службеници зашто актуелниот Закон за УЈП не предвидува администрстивни службеници, за што имало и негативно мислење од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација.

 

skopjeinfo.mk