Самит на БРИКС: Како Русија сака да ја зголеми својата моќ

Во Казан се одржува самит на земјите од БРИКС, 16-ти откако во 2006 година е основана организацијата. Учествуваат 24 шефови на држави или влади, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин. На неодамнешниот самит во Јужноафриканската Република тој не беше на групната фотографија – наместо тоа, со државните претставници се ракуваше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Путин го откажа учеството, очигледно затоа што се плашеше од апсење поради потерницата против него издадена од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој Јужнофариканската Република го признава.

На државите кои од почеток се членки на БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република во 2024 година ќе им се придружат уште четири земји: Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати. Од Москва велат дека интересот за организацијата расте. 34 држави сакале соработка „во различни форми“, вклучително и држави од ЗНД, Африка, Јужна Америка и Југоисточна Азија. На самитот во Казан ќе се разговара за проширен формат БРИКС Плус со цел да се зголеми економското и политичкото значење на организацијата.

БРИКС Бриџ – глобален платен систем
Една од главните теми е заедничкиот платен систем BRICS Bridge, кој руското Министерство за финансии го претстави на почетокот на октомври. Тој има за цел да овозможи „брзи и евтини“ прекугранични плаќања меѓу земјите-членки во локални валути, вклучително и употреба на блокчејн технологии и дигитални валути на централните банки – без да се оди преку кореспондентни банки во САД. Според магазинот „Економист“, Москва на овој начин сака да ги заобиколи меѓународни санкции кои ја отсекуваат Русија од прекугранични плаќања во американски долари.

Планираниот систем за плаќање ги алармираше западните финансиски надзорни власти, но поставувањето на таков систем би било комплицирано. Учесниците ќе мора да дадат значителна државна помош и системот би можел да им биде тежок товар на националните регулатори доколку една држава акумулира резерви во друга национална валута. Мотивот на Русија е јасен, оценува „Економист“ – но зошто на другите земји од БРИКС им е потребен таков платен систем?

Привлечни за земјите во развој
Евгениј Коган од руската Економска висока школа на својот канал „Биткоган“ на Телеграм вели дека организацијата БРИКС досега покажала мала волја да ја заштити Русија од меѓународни санкции. Развојната банка основана од земјите на БРИКС се приклучи на санкциите против Русија во 2022 година. Коган ја истакнува и следната врска: Вкупното население на земјите од БРИКС, со 3,5 милијарди луѓе, сочинува околу 45 отсто од светското население – додека нивниот удел во глобалниот брутодомашен производ (БДП) е 37,3 отсто. Неговиот заклучок: „Рано е да се зборува за нов светски поредок“.

Сепак, земјите во развој се дефинитивно заинтересирани за организацијата БРИКС и нејзиниот платен систем. „Не за да ги изнервираат САД, туку како начин за навистина брзи плаќања“, пишува економистот. Пет до седум отсто од меѓународните плаќања во американски долари, како што оценува Коган, се забавени поради правилата за усогласеност со прописите на американските кореспондентни банки. Меѓу другото, тие се наменети за заштита од инсајдерски бизниси, перење пари и финансирање тероризам. Коган критикува дека земјите од БРИКС претставуваат „филозофски поглед на неефикасен и неправеден модерен светски поредок“.

Членки на БРИКС – конкуренција и противречности
Но, на Москва ѝ успева да го продаде форматот БРИКС како „нов светски поредок“, вели Антон Барбашин од онлајн порталот „Ридл“. Во интервју за ДВ, политикологот посочува на растечката економска и политичка улога на членките на БРИКС, Индија, Кина и Обединетите Арапски Емирати откако Русија ја започна својата војна против Украина.

Русија продолжува со многу иницијативи, дури и ако повеќето од нив не се имплементираат или останат на ниво на спортски настани на БРИКС. „Проектот за единствена валута пропадна“, резимира Барбашин. Засега само Иран работи со Русија на „алтернативна финансиска архитектура“ која ќе се базира на рускиот платен систем „Мир“. Организацијата БРИКС останува „клуб на интереси“ во кој сите едноставно сакаат да прават добар бизнис. „Русија е главниот снабдувач на евтини енергетски ресурси поради притисокот од западните земји.“

 

DW