Христијан Мицкоски иницира проект кој треба да се преточи во стратегија на државата до 2050 година

„Следи период кога ќе се знае дали ќе не биде или не. Времето не работи за нас, секој што ќе ви го каже тоа ве лаже. Времето како поминува работи против нас. Сите можат да чекаат, само ние не смееме. Мора да се менуваме, да се реформираме. Ако сега сите не помогнеме заедно, за жал ќе бидеме територија полна со духови, крстосница на шверцери и мигранти, зомби држава. Тоа некому му одговара, ама нас не“, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија „Завет што обврзува” на која се одбележа Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври.

Тој ја повика опозицијата на соработка со цел да се размислува стратешки и да се носат одлуки за државата. „Знам дека звучи драматично, некому можеби ќе му звучи и патетично, но дали знаете дека ако сакаме да успееме немаме избор освен да соработуваме. И тоа мора да почне веднаш и сега. Иако и левицата и десницата во државава и кај македонските и кај албанските партии, имаа навистина и квалитетни луѓе, сепак не се изнајде сила да се утврди национална стратегија на државата“, рече Мицкоски. Тој претходно и преку порака на социјалните мрежи рече дека не треба да се губи времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да се работи за подобар живот, повисок стандард за да се создаде општество на можности и почит.

Според Мицкоски, Денот на македонската револуционерна борба, треба да не потсетува и да не освестува дека ние сме минливи, но нашето дело и идеја зборуваат за нас. Делото на ВМРО ни овозможи да имаме самостоја држава и самосвест“. Тој говорот на Свечената академија го искористи за да ги разјасни дебатите за тоа „чие е ВМРО“, но и да му оддаде почит на Тодор Александров.

„ВМРО нераздвојно и непоколебливо му припаѓа на македонскиот народ. Затоа што организацијата беше народот. И од народот произлегуваа и водачите, најблескавите луѓе и народни херои кои се дело се поклонува пред олтарот на борбата за слобода“, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на 100 годишнината од убиството на Тодор Александров, тој оцени дека според многумина историчари бил еден од најмоќните и највлијателните лидери на ВМРО. „Ја издигнал организацијата од рушевини и ја направил најмоќната организација во Европа, со која сите сакале да соработуваат и од која сите се плашеле. За нејзе слушнале буквално низ цел свет. За нејзе учеле сите од регионот, и од нејзе учеле сите кои знаеле што е борба за сопствена држава и идеја“, рече Мицкоски.

Во својот говор тој рече дека „и покрај насилната смрт, Тодор Александров продолжува да живее, заради неговото дело, заради неговата идеја, заради тоа што го направил за сопствената татковина“.

Стратегија до 2050 година
Мицкоски најави проект за развој на државата кој ќе биде преточен во стратегија до 2050 година. Целите на проектот ќе се дефинираат во соработка со МАНУ, а на крај, по нивното заокружување, ќе се бара сеопфатен консензус, од сите политички партии и чинители.

Според Мицкоски, станува збор за стратегија чии цели нема да зависат од „лакомоста и незнаењето на политичарите“.

„Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното тогашно име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини зошто правеле таква стратегија. Затоа, за да не доаѓаме до такви тешки моменти, потребна е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990 година? Каде ќе беше денеска нашата татковина?“, рече тој.

Мицкоски ја повика опозицијата на соработка и заедничко носење одлуки. „Ајде да се обединиме и заеднички да ноосиме одуки за иднината зашто друга татковина немаме. Да размислиме стратешки за добро на државата. Секој ваш предлог што е конструктивен ќе го прифатиме“, рече Мицкоски.

Според него, науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат. Предупредувајќи на загрижувачките податоци за иселувањето од регионот, Мицкоски рече дека „следните 70 години сме на добар пат да исчезнеме како држава“

Осврнувајќи се на плановите за евроинтеграција на земјата, Мицкоски рече дека „одамна ќе бевме во ЕУ да не беа билатералните проблеми“. Според него, целта на секоја наредна генерација е да изоди чекор напред во зачувување на идентитетот.

 

DW