Претседателката го помилува, МВР го приведе Акиф Равмановски

По излегувањето од затвор, еден од помилуваните Акиф Бејадин Равмановски е повторно приведен поради сомнеж за обид за убиство. Вештачењата за присуство на барутни честички потврдиле дека тој со пиштол пукал кон 35-годишен скопјанец во Чаир со намера да го убие, при што го погодил во ногата.

Неколку дена по потпишувањето на одлуката Равмановски да излезе од затвор, откако се најде на списокот на помилувани од претседателчката Гордана Сиљановска Давкова, Обвинителството бара повторно да му биде одреден притвор поради обид за убиство.

„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата полициски службеници непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – Скопје лишија од слобода лице на кое со одлука на претседателот на Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.

Вештачења како доказ
За него се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдиле првичните сознанија дека тој пукал.

„Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор. За истиот настан, по поднесена кривична пријава од МВР против три лица, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело – учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.

 

DW