Криза во германските градинки – кусок од 125.000 воспитувачи

Здодевно, облачно ноемвриско утро. Дваесетина деца од градинка во Келн гласно се обидуваат да пеат за сонцето. „Sal, solecito, caliéntame un poquito” – „Сонце, излези и загреј ме малку“ е името на песната, а посебното во неа е што само мал дел од децата од две до шест години знаат да зборуваат шпански. Меѓутоа, кога ќе ги слушнете децата како пеат, мислите дека сте заталкале во дневен престој за деца во Мадрид.

Боливијката Џесика Рохас Флорес пред две години во Германија дојде од Шпанија. За воспитувачката, двојазичниот концепт на градинката „Стоногалка“ е модел на успех. Таа за ДВ вели: „Со децата не зборуваме шпански постојано, туку пееме шпански детски песни и повторуваме некои зборови како стол, маса или чинија. Така тие го учат јазикот на разигран начин. Децата се исто така многу сочувствителни кон мене и зборуваат побавно ако нешто не разберам веднаш“.

До тобоганот во градината, покрај кој на дрвен знак стои шпански превод, и многу од постерите содржат шпански зборови. Родителите и децата се поздравуваат и се збогуваат со „Buenos días” и „Adiós”. Тоа е вин-вин приказна: додека децата го учат шпанскиот вокабулар, наставниците кои се штотуку пристигнати учат германски јазик преку секојдневната работа во градинката. Шпанката Кармен Касарес Нарањо за ДВ вели:

„Родителите неодамна ми кажаа многу гордо дека нивното дете веќе може да брои на шпански и ги знае сите бои на шпански. Она што го прави двојазичниот концепт толку посебен е што децата се подготвуваат за животот и секојдневието затоа што треба да развијат стратегии за ситуации, каде што другата личност можеби нема да ги разбере“.

Синтија Малка-Бухолц го иницираше двојазичниот концепт во 2013 година, а групата Фребел, која ја води градинката, веднаш беше воодушевена од идејата. Малка-Бухолц, која по потекло е Перуанка, е заменик директорка на градинката и до денес мора да ги отфрла стравовите на некои родители дека децата би можеле да бидат префорсирани од дополнителниот јазик. Напротив, одговара таа, повеќејазичноста им отвора повеќе врати. Веста за успешниот модел се шири, па на нејзината работна маса неодмна пристигнала уште една апликација од Шпанија.

Но, зарем Германија не им ги зема квалификуваните работници на земјите на кои итно им се потребни? Малка-Бухолц за ДВ вели: „Не, затоа што многу обучени едукатори во Шпанија или Латинска Америка често не можат да најдат работа и мора да работат како келнерки. Во Германија можеме да им понудиме можност да го работат она што го студирале четири или пет години“.

Огромен недостиг на места во градинките и стручен персонал
Моделот на „Стоногалка“ на потпирање на квалификувани работници од странство би можел да биде креативно решение за проблемот, кој во Германија го има неласкавото име „Китастрофа“ (вкрстување меѓу „Кита“, што значи градинка, и „катастрофа“). Во Германија недостигаат 430.000 места во градинките и, според истражувањето на Сојузот на социјални организации, 125.000 воспитувачи, што значи недостигаат по околу двајца воспитувачи во градинка.

Недостатокот на персонал е особено драматичен во западна Германија: градинките во најнаселената сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија мораа да ги ограничат своите понуди за згрижување деца 3.600 пати во септември, што е рекорд надвор од сезоната на настинки во зима. Во такви случаи, родителите треба да ги земат своите деца порано од вообичаено или децата се згрижени во други групи. Во најлош случај, градинката целосно се затвора.

„Дали Германија заостанува во проширувањето на згрижувањето на децата? Дефинитивно да. Дали недостасуваат критериуми за квалитет? Дефинитивно исто така!“, вели за ДВ Видо Гајс-Тене, експерт за семејна политика на Институтот за германска економија во Келн. „Ние имаме законско право на место во градинка за деца под три години повеќе од десет години, што не е во сооднос со регулаторната политика. Ако имам законско право, тогаш мора да можам да му обезбедам место на секое дете.“

 

DW