Денеска во Приштина ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу Владата на Македонија и Владата на Косово.
Во 10:30 часот е пристигнувањето на косовската и македонската делегација, по што следува пречекот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски од страна на косовскиот премиер Албин Курти.
Предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Владата на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.
Во 12:00 часот ќе се одржи меѓувладината седница, по чие завршување ќе се потпишат протоколи и меморандуми за соработка во три области.
Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Македонија.
Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Во 13:45 часот ќе одржи заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на Република Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти, соопштија од Владата.