Изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата, оценува Петар Гошев во интервју за ДВ по повод 30 години од независноста.
Современик е и сведок на најзначајните политички настани пред, и по создавањето на независна македонска држава. Важи за остар и реален критичар на состојбите во земјата и една од клучните политички фигури на македонската демократска пролет во ’90-тите години. Не е приврзаник на празнични „панагирици“. Во тој стил, уште на почетокот на разговорот за тридеценискиот јубилеј на македонската независнот, јасно потенцира дека во хиерархијата на вреднувања на настаните не треба да се подзаборава датумот кој најсилно го носи тежиштето на нашата државност.
– Веднаш на почетокот да кажам: „Да ни е честит триесеттиот 8 Септември и за навек да биде прославуван, во мир и благосостојба, од бесконечна низа на идни генерации. Да го прославуваме 8-ми Септември, но да не го подзабораваме и да не го валкаме, како што сè почесто се случува, АСНОМ 1944. Имам впечаток дека се множи бројот на оние што треба постојано да бидат потсетувани и подучувани дека во хиерархијата на вреднувања на настаните од нашата, не претерано долга, државотворна историја, АСНОМ 1944 штрчи како Монт Еверест, пред сѐ друго. И дека, од таа позиција, наспроти сите драми во врска со референдумот од Осми септември 1991 година, вистински и егоцентично стокмени, не беше многу тешко да се забоде јарболот на новото македонско државно знаме, со намера вечно да го симболизира прогласувањето на целосно самостојната држава.
И, ете, се изведува вистински подвиг: со АСНОМ 1944, преку крвавиот пат до него, се случува воскреснувањето. Се раѓа Република Македонија, дефинирана како рамноправен државно-правен и политички субјект во заедница со државно правни субјекти со многу подолга историја. Ете затоа, да го славиме Осми септември, но да не го потиснуваме АСНОМ 1944, зашто вториов, пред сè, е „сработен“ од АСНОМ-ците.
ДВ: Што си ветивме, а што реално остваривме во изминатите три децени?
– За да го оцениме оствареното во последните три децении, треба да се потсетиме на целите што сакавме да ги постигнеме. А нивното основно јадро, безброј пати повторувано како евангелие од сите политички субјекти во државата, беше: дека ќе изградиме општество на рамноправни граѓани, преку најсовремениот концепт за функционална правна и социјална држава – како што запишавме во Уставот – кое, особено се потпира на неколку важни пилари: на поделбата на власта на законодавна, судска и извршна; на функционалната пазарна економија во која доминира приватната сопственост, дејствува „невидливата рака“ на пазарот, но се води сметка за заштита на јавниот интерес, не само преку одговорно управување со јавната (државната) сопственост, туку и преку регулирана игра на пазарните сили; на изградбата на деполитизирана, професионална, непристрасна администрација, како што скратено велиме „непартиска држава“ во која регрутирањето на кадрите се врши исклучиво врз основа на квалитетот на нивните вештини, за да може токму како таква на граѓаните и на правните лица да им испорачува квалитетни услуги по реална цена на чинење за даночните обврзници. И, да не пропуштам, да станеме членка на важните евроатлански сојузи – заради безбедносни и споделувани заеднички цивилизациски вредности. Се разбира, сето тоа требаше да се материјализира во подобар животен стандард за сите, кратејќи ги разликите што не делат од развиените европски држави.
ДВ: Но, ако за ориентир ги сметаме почетно поставените цели, каде сме денес?
– Три децении, во сите важни меѓународни извештаи фигурираме како држава која се именува или како „captured state” (заробена држава), или како „hybrid regime” (хибриден режим, полудемократија-полуавтократија). Основната аргументација за ваквите квалификативи ја извлекуваат од корумпираното, неефикасно, партиски и персонално контролирано судство, од само формалното постоење на парламент, од целосната доминација на извршната власт над сите други, или што е уште повистинито, но и потрагично, од доминацијата на група/групи во врвовите на извршната власт што се или предводници на феноменот „организиран криминал“ или се негови најголеми заштитници. Се разбира, цената е добра, ризикот никаков, или многу, многу исплатлив.
ДВ: Кога ќе подвлечеме црта, дали се ова главните „дострели“ по кои ќе ги паметиме изминатите 30 години?
– Изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата. Растот на интензитетот на корупцијата може да се опише вака: на почетокот се крадеше со лажиче (иако ова повеќе важи за социјалистичкиот период), потоа започна да се краде со лопати, за да се стигне до крадење со булдожери. Откако се случи големиот грабеж со приватизацијата на општествениот капитал и експресното создавање екстремно богати капиталисти, во екстремно сиромашна земја во европски рамки, новопечените политички лидери направија сојуз со експресните капиталисти: првите, преку планови за крадење од јавните пари смислувани од вторите, по секоја цена сакаа да го досегнат статусот на вторите – експресно збогатените од периодот на приватизацијата. Потоа, се разбира, мрежата се ширеше и хоризонтално и вертикално. Според концептот за менување на перцепцијата, не на стварноста, триесет години се ветуваше закон за испитување на потеклото на имотот, па дури и самите крадци предлагаа закони за легализација на украденото, ако сами пријавеле и ако десетина проценти од тоа ѝ дале на државата. Ќе ги врателе парите од странските сметки и така ќе се развиела економијата, ќе се решела сиромаштијата. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ триесет години ја реализираат таа идеја, особено пред секои избори. Ете и деновиве, политичкиот комесар за борба против корупцијата, вицепремиерот Николовски, пред овие избори повторно се бави со тоа прашање. А да се погледне самиот и да се сврти околу себе, можеби ќе добие некоја друга идеја?
ДВ: Свртувањето околу себе, во буквална смисла, не е пријатна работа, имајќи ја предвид сликата на девастираната околина која точно говори како сме се грижиле за „своето“…
-Како господари „свои на своето“, во изминатите триесет години десеткратно ја загадивме почвата, ги загадивме водите, ги исековме и изгоревме шумите, уништивме илјадници хектари висококласно обработливо земјоделско земјиште. Неодамна прочитав дека бројот на отворени депонии во „суверена“ Македонија е четири пати поголем од бројот на населени места. А во времето на еден инженер задолжен за решавање и на микро и на макроекономските проблеми во владата на Заев, чув од неговата уста дека Македонија е покриена со фекална канализација само со 18 проценти од нејзините вкупни потреби. Тој ја даде таа изјава, онака, попатно. Од загадените води, од загадениот воздух, од бетоните во битките за сѐ поголеми метрополи, бројот на починати по тој основ и зголемените трошоци на сѐ подевастираниот здравствен систем, не е познат; дознаваме индиректно, преку разликата меѓу родените и починатите. При постоење на самостојна држава, стигнавме во парадоксална ситуација: мали групи на ентузијасти го бранат секојдневното узурпирање на јавниот интерес од таа иста држава (од бандитите во неа) која, по дефиниција, постои токму за тоа.
Интервјуто на Петар Гошев во интервју за ДВ по повод 30 години од независноста за DW, во целот може да го прочитате на овој линк.