Мицкоски: Секој од започнатите 1090 проекти од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ овие 100 дена е огледало на немоќта на СДСМ и нивната безидејност

Обраќање на Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на отчетот на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид – 100 дена локална власт.

Обраќањето го пренесуваме во целост:

Почитувани градоначалници и советници од општините Охрид, Демир Хисар, Македонски Брод, Вевчани, Брвеница и Јегуновце.

Денес сме тука да дадеме отчет пред граѓаните за сработеното во првите 100 дена. И тоа е обврска која ја преземавме пред народот и од која нема да отстапиме. И има што да кажеме, затоа што промените започнаа. И ако прашањето е, што е најважното што се случи во овие први 100 дена, тоа е дека покажавме дека умееме, покажавме дека можеме и дека ги менуваме работите, дека има разлика тоа што го работи ВМРО-ДПМНЕ , и тоа што го распродава, краде и уништува СДСМ.

Тие промени започнаа скромно но силно, и се повеќе се интензивираат, како искра која станува пламен и која треба да донесе иднина за која се бориме и иднина во која веруваме.

И не не плашат критиките од СДСМ и Владата кои не можат да се надраснат себе си, и да кажат дека е добро сработено, и покрај сите препреки, покрај сите опструкции кои ги прават кон локалната власт.

Секој од започнатите повеќе од 1090 проекти од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ овие сто дена е огледало на немоќта на СДСМ и нивната безидејност. Отчет за повеќе од 1090 започнати проекти во првите сто дена, наспроти нула отчети, за нула започнати проекти во општините на СДСМ и ДУИ. Тоа е значајната предност и разлика и на тоа за базира довербата на граѓаните и енергијата на оваа нова генерација на градоначалници и луѓе во политиката која прави промени за нашата заедничка иднина.

Секое наше ветување е обврска до која се уште стоиме и за која ќе се бориме. Но, и да не заборавиме што затекнавме. Хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно презадолжените општини, не работата, неспособноста и сето тоа започнавме да ги менуваме.

Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но, и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. А, вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чувствува дека носиме ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВААТ СЕГАШНОСТА, ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА и промени за кои заедно се бориме.

Ние ПОКАЖАВМЕ ДЕКА УМЕЕМЕ И МОЖЕМЕ. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го содржи клучот – РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА.

Овие повеќе од 1090 проекти кои се започнаа со реализација, дури 166 се капитални објекти низ целата територија на Македонија.

Голем дел од овие проекти се реализирани токму и во општините кои денес даваат отчет, и за кој нивните градоначалници детално ќе говорат по моето обраќање.

Промените се случуваат во Охрид, Демир Хисар, во Македонски Брод, Вевчани, Брвеница и Јегуновце.

Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта.  Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се повеќе од 200 диви депонии.

Секој си го поставува прашањето  дали сето ова е доволно?

Секако дека потребно е повеќе и уште подобро. Тука ние не застануваме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Бевме заедно кога имаше поплави,  кога имаше пожари, кога тутунот не се откупуваше и кога власта затвораше врати за народот. Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за иднина.

Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПОШИРОКИ!

И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое заедно мораме да го менуваме.

ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и победи. И ЌЕ СЕ ИЗБОРИМЕ, за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се ПРОМЕНИ КОИ НОСАТ ИДНИНА за секој човек!

А локалната самоуправа, општините се крвтокот на слободата во една држава, и тоа е островот од кој започнуваат промените за иднината за која се бориме за секој еден човек.

Драги пријатели,

Дозволете да прокоментирам и неколку други важни општествени теми. Овие денови слушаме и гледаме како Владата се фали дека направиле да расте минималната плата. Никој од нас, буквално никој од нас нема ништо против таквиот чекор, но суштината е дека тој не е доволен. Инфлацијата од рекордни 6.7 проценти одамна го јаде покачувањето на минималната плата, а проблемот останува и со оние илјадници кои не добија никакво покачување. Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите со коефициентите предвидени со колективните договори, а кои што се однесуваат на  сложеноста и тежината на работните места и на работните задачи.

И реалниот живот говори дека ако трошоците во 2019-тата година за едно  четиричлено беа околу 32.000 денари, денеска две години потоа на крајот на 2021 година тие изнесуваат 35 илјади денари. За три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од  60%. Зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%. Брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти. А, за колку пораснаа платите додека сето ова растеше? Одговорот е нула. Ете затоа имаме сиромаштија, и затоа 500 илјади луѓе во Македонија живеат со помалку од 150 денари на ден.

Ефектот од сето ова е стагфлација и должничко ропство. Многумина ќе си го постават прашањето што е сега тоа стагфлација? Ногу едноставно имаме енормна висока инфлација и стагнирање на економијата. За само 48 дена од почетокот на 2022 година, оваа Влада направи буџетски дефицит од верувале или не, 164 милиони евра или во проценти 30% од планираниот буџетски дефицит за цела 2022 година. Набргу ќе имаме ребаланс на овој буџет со зголемена потреба за финансирање, што значи дополнителен долг кој не втурнува во уште поголемото должничко ропство! Се разбира кога ќе имате една таква ситуација тогаш првото што ќе им падне на памет е да издадат нова еврообврзницата, механизам со кој ќе ги задолжат и неродените деца. И тогаш претпоставувам изговорот на Владата ќе биде дека требаат пари да се реализираат капиталните инвестиции, а само еден податок сакам да кажам дека од овие повеќе од 160 милиони евра дефицит или нов долг успеале да реализираат капитални инвестиции околу 35 милиони евра. Што значи дека парите ги трошат, парите ги крадат, парите ги нема. А, народот и неродените деца ги задолжуваат.

На својот грб ова ќе го носи народот. Особено приватниот сектор.

Драги пријатели,

Ќе ми дозволите сосема на крај да се осврнам на можеби една од темите која е многу важна за нашата заедничка иднина. Четири години се позади нас, почна и петтата година по ред и покрај сите отстапки, покрај сите кнедли кои Македонија ги проголта ние сме надвор од портите на Европската Унија. Спорот со Бугарија чиј што создавач е заевизмот е непромислива пречка за оваа влада. Главната активност на Ковачевски изминатиов период е сликање со Петков и состаноците со Заев. За ова последново не ни треба докази, се гледа од политиките на Ковачевски, сите тие политики се практично лице и опачина на една иста политика која што беше убедливо поразена на два пати на локалните избори, позната во јавноста како заевизам. Но, што е разликата помеѓу Ковачевски и Заев, тоа што Ковачевски го гледаме исто како Заев дека се слика, но барем Заев го имаше на слики, овој гледам дека го отстрануваат од сликите. Но да бидеме сериозни тоа е најмалиот проблем.

Но тоа е најмалиот проблем. Работата е што имаме власт која одбива консензус за најважното прашање кое во моментов ја засега Македонија. Таа подадена рака за секој државник и премиер, особено кога тоа доаѓа од опозицијата, како што го направивме ние би била прифатена затоа што тоа е одговорно однесување и би било засилување на аргументите во преговорите со нашиот источен сосед.

Одбивањето само говори тоа дека на повидок е многу поопширно решение од само промена на Уставот во која што требало да биде вклучено бугарското малцинство во Македонија. Поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет. Што би значело газење по македонскиот идентитет. Такво идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, ниту сега, ниту во иднина, но во исто време сакам да се знае дека потребна е широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, нивна мобилизација и гласност на секој поединец за да не се дозволи решение со кое подоцна треба да се живее. Јасно им е дека во Парламентот немаат 80 пратеници, и единственото нешто што ќе им остане на располагање е целокупните барања опфатени со Декларацијата на бугарскиот Парламент да бидат дел од преговарачката рамка. Тоа е она кое што го преговара денеска Ковачевски од името на Зоран Заев и тоа е оној заевизам, кој што ние го зборуваме кој што не исчезна, присутен е неговиот дух затоа што според политиките на Ковачевски тоа можеме да го видиме и во јавноста и во преговорите со Петков.

ВМРО-ДПМНЕ е носечкиот столб, и ако прашањето е што ќе направиме да спречиме лошо решение, нормално ќе имаме такви инсталации кои што наместо да гледаат како Заев и Ковачевски го распродаваат македонскиот идентитет, ќе бараат одговори од ВМРО-ДПМНЕ што ќе направи. Еве ќе ви дадам одговор – ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што има на располагање за да го спречи и да се спротивстави на ова решение кое што Ковачевски е подготвен да го потпише и да не го донесе при тоа на увид на јавноста. Се што е на располагање.

Но внимавајте, ако го потпише и ако го прифати и стане дел од преговарачкиот процес назад нема. Тогаш или ќе се бугаризираме и ќе бидеме дел од ЕУ, или ќе преговараме до бесконечност. Затоа е многу важно, многу важно ВМРО-ДПМНЕ денеска да обезбеди општествена поддршка од македонскиот народ и од граѓаните во Македонија. Заедно да излеземе со се што е потребно да го спречиме заевизмот преку Ковачевски да го прифати ова решение и ова да влезе во преговарачката рамка. Повторувам, потоа ќе биде доцна. Потоа за бадијала ќе бидат прашањата на инсталациите и за бадијала ќе биде се. Сега е вистинскиот момент кога треба сите ние да застанеме и да се спротивставиме на ова предавничко решение кое што го подготвен Ковачевски да го потпише. Затоа што таква е инструкцијата на Зоран Заев. Такво е писмото кое што му го оставил при примопредавањето на црвените дебели килими и додека седеа фино залежани во дебелите кожни фотелји.

ВМРО-ДПМНЕ не е против решение, ВМРО-ДПМНЕ е за решение. Бара гаранции Петков, бара гаранции и ВМРО-ДПМНЕ. Бара гаранции ВМРО-ДПМНЕ за многувековната историја на македонскиот народ, како посебен народ и различен од останатите словенски народи. Бара гаранции за неговата традиција, бара гаранции за неговите обичаи, бара гаранции за културата, бара гаранции за македонскиот јазик, и конечно бараме гаранции како ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш повеќе никој додека не станеме полноправно членка на ЕУ каде што му е местото на овој народ и каде што и е местото на Македонија дека никој понатаму поради субјективни причини нема да не опструира. Тоа се условите, да седнеме на маса, да постигнеме национален консензус и да продолжиме да преговараме. За бадијала ни е се, ако го изгубиме она кое што сме го наследиле од нашите предци, а кои што со глава, крв и живот го платиле тоа што ние денеска го живееме. Затоа од овде од Охрид упатувам порака и барам општествена поддршка да не дозволиме Владата на Османи и Ковачевски, да го направи ова предавство. Ни треба народ, ни треба масовност, да излеземе и да се бориме против сето ова.

ВМРО-ДПМНЕ драги пријатели, нема да паѓа во стапиците на големите измислени теми кои се параван за да продолжат со злоупотребите. Новиот патриотизам значи да се обединиме нешто што го барам од овде, од Охрид, заедно сите и леви и десни, и христијани, муслимани и атеисти во идејата за една заедничка иднина.

Време е да се остават нишаните, партиските поделби, и мора да дадеме одговори на вистинските потреби на народот. И ова се мали чекори, но со огромна важност. Ние имаме одговорност во име на сите овие луѓе да водиме, и да одиме напред.

И затоа велам дека не смееме да губиме време, туку заеднички и сложно да градиме иднина. Да создаваме промени што носат иднина.

Ви благодарам!

Да сте живи и здрави!