Васиљ: Немам никаква директна поврзаност со наведената кривична пријава

0
344

Влатко Васиљ, вработен во Град Скопје вели дека нема директна поврзаност со кривичната пријава од новото градско раководство.

Град Скопје поднесува кривична пријава до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во град Скопје, и тоа против поранешниот генерален секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска Мадиќ, поранешниот помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура Никола Трајковски, како и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник Влатко Васиљ, рече Даниел Аврамовски на прес-конференција.

Васиљ вели дека се работи за заплашување.

Ниту некогаш успеале, ниту пак сега ќе успеат да ме замолчат и заплашат. Ако порано методите беа со закани по живот, чекање пред влез, слики од син ми во градинка и посети кај сопругата на работа со закани дека ќе ме вратат во црна торба дома, денес начинот е друг, денес тие се обидуваат преку лажни афери и фабрикувани обвиненија да ме заплашат и замолчат со само една цел – очаен обид за дефокусирање на јавноста од неспособноста и разочарувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај што немам никаква директна поврзаност со наведената кривична пријава, повеќе од јасно е дека користењето и спомнувањето на моето име и презиме е само подло демонстрирање на притисок и заплашување, како и евтин начин да се нахранат вмровските ботови и сите оние што им пречи мојата критичност кон ВМРО-ДПМНЕ.
Мојата чест и углед, мојот интегритет и чесност не можат да се извалкаат и злоупотребат за евтини политички и партиски цели. Како вработен во Град Скопје ќе се воздржам од дополнително коментирање на оваа тема сè додека вистината не излезе на виделина, стои во објавата на Васиљ на Фејсбук.