Претседателот и извршниот директор на ССК добиваат закани и притисоци, апелираат на заштита од институциите

0
274

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, извршниот директор како и Сојузот како институција по последните два месеци се изложени на агресивни закани и притисоци, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и побара одлучна и брза реакција од институциите околу расветлување на овие настани.

– Се чувствувам одговорен пред себе, пред нашите семејства, пред семејствата на нашите вработени кои за жал имаат прилично агресивен притисок од одредени настани кои се случија. Втор месец јас лично добивам индиректни закани и притисоци кои на ниту еден начин не се испровоцира ниту пак е даден повод и причина. Изминативе денови кон извршната директорка на многу експлицитен начин се извршија одредени акти кои навлегуваат во сферата на потешки криминални дејства или потешки дела против безбедноста. Станува збор за телефонски закани, закани упатени преку писма и изминатата ноќ е запалено и возилото на нашата извршна директорка што е во директна корелација со претходно писмо каде што на експлицитен начин и се дадени рокови и ултиматуми како треба да се однесува како треба да постапи, изјави Ангелоски.

Тој упати апел до институциите за заштита.

– Апелираме институциите да не заштитат нас како личности и да го заштитат интегритетот на институцијата која делува во сфера која во ниту еден случај нема допир со вакви појави, преставува стопанска комора и здружение на граѓани кое делуваат за економските случувања во нашата земја. Сакаме на некој начин да ја извршиме нашата граѓанска обврска да побараме од институциите Македонија да ја направат посигурно место и ваквите работи да не ни се случуваат. Сакам оваа прилика да ја искористам и да поставам неколку експлицитни прашања: Дали Македонија претставува место каде што некој треба да се грижи за својата безбедност и дали функцијата претседател на Сојузот на стопански комори и директор на Сојузот претставува функција со висок ризик по безбедноста. Бараме брза и одлучна реакција од институциите за овие непријатни случувања, истакна Ангелоски.

На новинарско прашање на што се однесуваат заканите Ангелоски посочи дека според писмото што го добил како слика што му го испратила извршната директорка додека тој со државната делегација изминатите денови престојуваше во Дубаи, јасно се иницира дека станува збор за работи поврзани со ССК.

Посочи дека не може да шпекулира и наведе дека можеби заканите се од структури кои се внатре или кои не се веќе во ССК, но оти оставаат на институциите да си ја завршат својата работа.

-Заканите се однесуваат околу функционирањето на ССК, не станува збор за државна институција, туку за одредени лица кои можеби се внатре, кои можеби повеќе не се во Сојузот. Но, генерално од заканите и писмата тоа веќе го има во документациска форма и во МВР јасно иницира, се бара еве кон мене да поднесам оставка од здравствени причини и доколку не го сторам тоа дека знаете ќе ви се случи… имате ветувања од ваков или онаков тип, рече Ангелоски